Пристапниот пат на автопатот Скопје-Велес кај Отовица го нема во ниту еден документ на Општината. Како што вели градоначалникот на Велес, Марко Колев, тој е изведен на диво, за него не постои проект и затоа не може да се реновира.
„Пристапниот пат од кај патарината Сопот е под надлежност на државата бидјеќи се води како регионален пат. Патот кај Отовица за приклучување на автопатот не постои. Тој пат е на диво изведен, приклучувањето и исклучувањето од него не се легални. Не се знае кој го има градено, нема никаков проект. Пуштиле багер да го ископа, го асфалтирале и ете пат. Јас не можам да го реконструирам, не можеме да издвоиме пари од буџетот оти патот не постои“, кажа Колев.
Туристите од Србија, кои во летниот период ги посетуваат сместувачките капацитети во Велешко како пауза при одење или враќање од одмор во Грција, реагираат дека исклучувањата од автопатот се многу лоши.
„Имате убаво езеро, убав поглед, но лоши се приодите до нeго. И од автопатот Скопје-Велес кај патарината Сопот и кај патарина Отовица за Велес-Скопје. Секоја година тие кратки релации се во сѐ полоша состојба“, велат туристи од Србија кои остануваат да преноќат или одморат во Велес.
П. ПЕЧКОВ