Жителите од скопската населба Хром се затрупани во ѓубре. Кантите од куќите и големиот број згради кои изминативе години се направија во населбата не се празнат по две недели. Со денови стојат на улиците, а околу нив купишта кеси и кутии во кои граѓаните го собираат ѓубрето бидејќи кантите после неколку дена се полнат, а нема камиони да го соберат ѓубрето. Поради топлото време ѓубрето скапува, па низ улиците се шири реа и тече исцедок од кесите.
Со години, според планот на работа на ЈП „Комунална хигиена“, кантите од индивидуалните домаќинства се празнеа два пати во неделата. Но, сега камион нема со недели.
„Сега е чудо ако дојде камион еднаш во неделата и го собере ѓубрето. Но, тоа е ретко, по десетина дена нема екипи, а еве сега втора недела не е собрано ѓубрето. Затрупано сме во ѓубре, а сметките редовни си ги плаќаме“, велат револтираните жители на Хром.
Екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК на 23 август затекна камион како доаѓа во населбата после 10 дена од последното празнења на кантите. Кога дојде камионот жители на населбата излегоа на улица и лути ги прашуваа работниците зошто не се собира ѓубрето.
„Што да правиме, немаме камиони, расипани се. Кога ќе ни дадат камион доаѓаме и собираме. Еве и овој камион е мал треба од тука со поголем да собираме, но нема“, им објаснуваа работниците.
Камионот кој собирал низ населбата насобрани купишта ѓубре брзо се наполни, па немаше место да се испразнат кантите од сите домаќинства. Граѓаните од куќите каде не се собра ѓубрето почнаа да трчаат и да викаат по работниците да се вратат, но тие им објаснуваа дека камионот е преполн.
Потоа камионот не се врати во населбата, не дојде ниту во неделата и понеделникот, па кантите во дел од Хром уште стојат полни, а околу нив купишта кеси.
Од ЈП „Комунална хигиена“ не добивме одговор на нашите прашања зошто кантите наместо два пати неделно се празнат еднаш на две недели, ниту со колку камиони располагаат и дали дел од камионите се расипани.
А. АНТЕВСКА