За 10 отсто е намален бројот на запишани првачиња во Општина Струмица во оваа учебна година во однос на лани. Минатата учебна година во прво одделение во струмичките училишта тргнаа 556 деца, а годинава запишани се 492 деца, според информациите од општинското Одделение за образование.
Раководителот Васил Георгијевски вели дека не се очекува некоја поголема промена во бројот на запишани првачиња, иако традиционално во септември се запишуваат деца чии семејства се на сезонска работа.
„Освен во Дорломбос и Мемешли, каде со години нема ученици и училиштата се ставени во мирување, прваче нема ниту во Попчево, а во Раборци имаме само едно, додека во Рич две првачиња. Она што загрижува се поголемите населени места, како што се Добрјеци, Водоча, Костурино, Градско Балдовци, Сачево, каде имаме по три првачиња, додека во Вељуса каде имаме и основно училише се запишаа само четири првачиња“, соопшти Општината.
Не е поразлична сликата и по останатите населени места каде има подрачни училишта. Во Баница се запишани 20 првачиња, во Свидовица 6, а во Банско 16.
Од централните основни училишта најмногу првачиња има во „Сандо Масев“ во Струмица, 137 кои ќе се распоредат во 7 паралелки, а во останатите училишта има намалување . Во „Маршал Тито“ во Струмица се запишаа 38, во „Видое Подгорец“ 63, а 73 во „Никола Вапцаров“ во Струмица . Во „Даме Груев“ во Куклиш 15, во „Маршал Тито“ во Муртино 12, во „Герас Цунев“ во Просениково 23, а во „Кирил и Методиј“ во Дабиље 10 првачиња.
Според евиденцијата на Министерството за внатрешни работи (МВР), има 853 деца кои имаа наполнето години потребни да се запишат во прво одделение.
Освен во Тетово, каде после подолг период, годинава нема намалување на новозапишани ученици во основните и средните училишта, бројот на првачиња во однос на лани се намали во Битола за 116, во Куманово за над 60 и во Охрид за 20.
В. ТРАЈКОВ