Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, најави дека неговата партија до петок ќе ја официјализира Резолуцијата со црвени линии во однос на францускиот предлог за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Тој изјави дека иако ги разбира граѓаните кои на изборите се изјаснија против внесување на Бугарите во Уставот, тоа е барање што доаѓа од Европската Унија, а неправењето ништо би било најлоша опција.
Филипче смета дека ниту еден документ од преговорите со Брисел не ги загрозил идентитетските прашања или националните интереси, ниту пак е направено предавство. Тој вели дека барањето од ЕУ не е само од Бугарија, туку е резултат на долготраен процес и бројни преговори.
„Ја разбирам грижата на граѓаните, а тоа меѓу другото тие на некој начин и го изразија за време на минатогодишните избори, кога во тој контекст така гласаа, кога станува збор за СДСМ наспроти ВМРО-ДПМНЕ и сметам дека таа грижа на граѓаните не треба да ја ставиме по страна“, рече Филипче на денешната прес-конференција.
Тој повика сите политички чинители да седнат заедно и да формализираат документ со јасни ставови, цитирајќи претходни договори и резолуции, за да се знае како да се продолжи напред и да се информираат граѓаните. Според него, најлошо би било ако не се преземе никаков чекор.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски минатата недела во интервју за „Политико” кажа дека државата во моментов не е подготвена да ги направи уставните измени за внесување на Бугарите во Устав, освен ако не добие цврсти гаранции од Европската Унија дека тоа ќе биде последното вакво барање.
Премиерот Христијан Мицкоски во врска со резолуцијата вчера рече дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе почекаат да видат што е тоа ново што ќе понудат од опозициската партија, па ќе дадат свој инпут.