Безмилосно е претепано бездомно куче во Охрид пред два дена, и со тешки повреди е пренесено во ветеринарна клиника во Битола каде сѐ уште се бори за живот. Повредите на главата и телото кои му ги нанесе граѓанин од Охрид се сериозни. Насилството е случено пред очевидци, а случајот е пријавен во полиција.
„Пеки е уште во лоша состојба, иако има малку позитивна реакција на терапијата. Рентгенот покажа дека, за среќа, скршеници нема, носот му е доста повреден, а потресот на мозокот бил доста силен. Пеки не јаде, не пие, не може да стане, во глобала состојбата му е исто како и по нападот. Згрижен е во клиника ‘Буневски’ под постојан мониторинг, па ќе се направи сѐ што е можно за да Пеки преживее“, вели активистот Климент Арнаудов.
Граѓаните кои живеат на улицата велат дека кучето се појавило во тој реон пред 5-6 месеци. Кажуваат за соседот кој го претепа кучето, но сакаат да останат анонимни поради нивната безбедност оти велат дека кој може да нанесе зло на животно, може и на човек.

Пеки е згрижен во ветеринарна клиника во Битола, не јаде, не пие, не може да стане, во глобала состојбата му е исто како и по нападот, велат активистите. (Фото: Фејсбук)
„Кога се појави кучето тука имаше ремче, што значи било напуштено. Секојдневно му дававме храна, но еден од соседите не го сакаше и постојано замавнуваше со стап. Сега го претепа до смрт. Утрината еден од соседите го виде кучето во неговиот двор каде кучето дошло со лазање. Пријавено е во полиција“, кажуваат тие.
Малтретирањерто и убивањето животни е сѐ почеста појава. Неодамна, во Охрид тешки повреди ѝ биле нанесени на мачка на која од ударот ѝ била преполовена вилицата.
„Мачето го баравме два дена, не доаѓаше дома. Кога дојде целото беше крваво, а дел од вилицата и висеше. Кутрото маче беше целото во крв, а сигурно од јаки болки беше онесвестено. Во Битола ѝ правевме досега две операции и се надевам дека за брзо време ќе почне конечно да јаде самостојно. Не знам кој монструм може да удри маче и да ѝ ја преполови вилицата“, вели сопственичката на мачето.
Летово настрада и куче во стариот дел на градот, кога еден од жителите со тула го повреди по главата.
„Кучето го пронајдоа туристи. Удрено беше со тула по главата од човек кој живее на Сараиште. Беше цело потечено. Човекот се заканувал дека ќе го убие кучето кое беше милениче на сите што живеат во околината. Сите го сакаа, го хранеа. Сега кучето го тргнавме од тука, го вдомивме оти имаше закана по живот. Тоа куче имаше маркица, беше хумано третирано куче“, вели активистката Маја Коваческа.
Активистите од Охрид велат дека по улиците страдаат голем број животни. Потребна е масовна стерилизација и кастрација, задолжително чипирање на домашните миленици и поголем број инспекциски контроли, но и казни за сопствениците кои од разни причини ги напуштаат милениците.
Велат дека треба поголеми контроли оти има одгледувачници на кучиња кои не се регистрирани и не плаќаат данок на државата, а прават големи приходи од продажбата на кученцата.
„Често и расните кучиња завршуваат на улица оти луѓето не се свесни при купување дека обврската е некаде 15 години“, кажуваат тие.
Запуштено расно куче, лагото ромањоло, кое има чип и сопственик, пред два дена е најдено на улица на излез од Охрид према Струга.
„Кучето го згриживме, прими терапија за паразити, го тестиравме и за среќа е здраво. Најтрагично е што има сопственик кој за жал го фрлил на улица. Влакното на кучето беше во суканици кои се влечеа по земја. Го потшишавме, вриеше од болви. Кучето има пет години и беше многу запоставено“, вели активистката Коваческа.
Таа кажува дека неодамна пред вратата ѝ оставиле три кучиња од домашно легло во транспортер со писмо и молба од сопственикот да бидат згрижени. Вели дека луѓето мора да ги стерилизираат своите кучиња за да не се доведат во ситуација малите кученца да завршуваат на улица каде можат да ја доживеат судбината на многуте малтретирани животни.
Според Кривичниот закон (КЗ), тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци.
„Во текот на 2025 година во СВР Охрид пријавени се 3 кривични дела за кривично дело Убивање и мачење животни по чл.233 од КЗ, конкретно за кучиња, за кое е пропишана парична казна или затвор до три години. Исто толку дела се пријавени и во 2024 година. За сите случаи поднесени се соодветни пријави до надлежните обвинителства“, велат од СВР Охрид.
Во Македонија за првпат беше изречена затворска казна од 3 месеци за лицето кое до смрт го претепа кучето Феликс кое почина на 7 јануари годинава.
С. ВРЕНЦОВСКА
Можеби ќе ве интересира и ова: