Американски адвокат по име Марк Закерберг го тужи Фејсбук зашто продолжува да му ги брише профилите, сметајќи дека лажно се претставува како позната личност.
Марк С. Закерберг од Индијана изјави дека неговиот профил бил деактивиран петпати во последните осум години, што го чинело илјадници долари во изгубени бизниси. Во тужбата на адвокатот за банкроти стои дека тој се занимава со право 38 години, уште откако основачот на Фејсбук бил мало дете.
„Јас сум Марк Стивен, а тој е Марк Елиот“, кажа адвокатот.
„Мета“ објави дека му го вратила профилот и ќе преземе мерки да се спречи повторувањето на грешката.
„Не е смешно, не кога губите пари“, кажа Закерберг.
Тој ја обвинува „Мета“ за кршење договор зашто платил 11.000 долари за реклама која била тргната.
„Тоа е како да закупите билборд покрај автопат и да им платите на луѓето за билбордот, а потоа тие доаѓаат и ставаат огромно ќебе преку него и вие немате корист од она за што сте платиле“, изјави Закерберг.
Неговиот профил последен пат бил исклучен во мај и вратен дури откако ја поднесол тужбата.