ПАЦИЕНТИТЕ СО ПРИВАТНО И ЗАДОЛЖИТЕЛНО ОСИГУРУВАЊЕ НЕМААТ ЕДНАКОВ ТРЕТМАН ВО ГЕРМАНИЈА, ПРОБЛЕМОТ Е ВО ПЛАЌАЊЕТО НА УСЛУГИТЕ

    ПАЦИЕНТИТЕ СО ПРИВАТНО И ЗАДОЛЖИТЕЛНО ОСИГУРУВАЊЕ НЕМААТ ЕДНАКОВ ТРЕТМАН ВО ГЕРМАНИЈА, ПРОБЛЕМОТ Е ВО ПЛАЌАЊЕТО НА УСЛУГИТЕДодека пациентите со приватно осигурување често добиваат термин уште следниот ден, оние со задолжително осигурување мора да чекаат и до шест недели или подолго за преглед кај специјалист (Фото: Имиџ Брокер)

    Во Германија, приватните пациенти и оние со задолжително здравствено осигурување не се третираат еднакво, а причината се крие во системот на наплата, пишува „Дојче веле на македонски јазик.

    Штефан Х. имал проблеми со срцето и барал преглед кај кардиолог, но му рекле дека термин има дури за четири месеци. Неговото срце не издржало четири месеци и тој завршил на операција.

    Кај ортопедите имаше строги упатства на пациентите кои во едно тримесечје веќе еднаш биле на лекар по можност да не им се закажуваат нови прегледи во истиот квартал“, кажа Хајке Хартунг-Штајн, која 12 години работела како медицинска сестра.

    И заменичка-директорката на Сојузната асоцијација на задолжителното здравствено осигурување Штефани Штоф-Анис сведочи за нееднаквоста во здравствениот систем во Германија.

    Додека пациентите со приватно осигурување често добиваат термин уште следниот ден, пациентите со задолжително осигурување мора да чекаат и до шест недели или подолго за преглед кај специјалист. Таквата системска дискриминација на 90 проценти од населението веќе не е прифатлива“, вели Штоф-Анис.

    Притоа вината не лежи во самиот здравствен систем.

    Во споредба со другите земји, нашата здравствена заштита е исклучително добра“, вели здравствениот економист Симон Рајф.

    Според него, проблемот лежи во буџетирањето на лекарите. Кога буџетот е исцрпен, лекарите не добиваат дополнителни пари, барем не за пациентите кои се осигурани со задолжително осигурување.

    Во Германија, приватно осигурани се главно оние кои добро заработуваат, бидејќи во приватното осигурување придонесите не се одредуваат врз основа на бруто приходот како во задолжителното осигурување, туку врз основа на други индикатори, како возраст, хронични заболувања и пол. За младите луѓе кои добро заработуваат и не одат често на лекар овој вид осигурување е поисплатлив, бидејќи плаќаат помал придонес. Приватното осигурување функционира исклучиво врз основа на пазарен принцип, додека задолжителното функционира врз основа на принципот на солидарност и сите уживаат еднаква заштита.

    Кога пациент со задолжително осигурување ќе дојде кај матичниот лекар, тој добива основен паушален износ од околу 40 евра без оглед на тоа колку пати пациентот треба да дојде на преглед во следните три месеци. За ЕКГ, тест на крв или тестови за грип нема дополнителен надомест.

    Не можам да живеам вака, ниту да ги покријам трошоците“, вели еден матичен лекар.

    Тој повеќе се радува кога ќе му дојде пациент со приватно осигурување, кое плаќа за сите услуги на пациентот и тоа при секоја посета. ЕКГ, земање крв и секој разговор со лекарот што трае подолго од десет минути носи дополнителни пари.

    Никој не верува во едноставно решение за овој проблем. Сите обиди за укинување на овој несоодветен систем на наплата досега пропаѓаа поради отпорот на Либералите и Демохристијаните, кои генерално се на страната на оние кои заработуваат повеќе.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира