Карлос Алкарас го освои Отвореното првенство на САД, добивајќи го последното поглавје од ривалството со Јаник Синер и од денеска повторно ќе биде светски рекет број еден. Младиот Шпанец славеше во финалето со 6:2, 3:6, 6:1, 6:4, чиј почеток беше одложен за половина час поради безбедносните мерки што го следеа доаѓањето на американскиот претседател Доналд Трамп.
Алкарас и Синер одиграа уште еден интересен натпревар, иако ги немаше драмата и квалитетот од нивните финални дуели на Ролан Гарос и Вимблдон. Дваесет и двегодишниот Шпанец сега има шест гренд слем титули, со што е вториот најмлад тенисер кој дошол до оваа бројка, зад Бјерн Борг. Тој оваа година го освои и Ролан Гарос, додека Синер триумфираше на Отвореното првенство на Австралија и Вимблдон.
„Те гледам почесто отколку моето семејство. Одлично е да се дели теренот со тебе“, кажа Алкарас, кој ќе го симне Синер од првото место на АТП-листата по 65 недели.
Синер кажа дека дал сѐ од себе, но тоа не било доволно во ова финале.
Поради најавата за доаѓање на Трамп, безбедносните мерки мораа дополнително да се засилат, па околу стадионот „Артур Еш“ беа воведени скенери како на аеродром, што создаде редици на влезовите. За да можат сите да влезат навреме, почетокот на мечот беше одложен. Трамп доби релативно топол аплауз пред интонирањето на американската химна.