Шпанскиот премиер Педро Санчес денеска објави трајна забрана за продажба на оружје и муниција на Израел, како дел од пакетот мерки за, како што кажа, запирање на геноцидот во Газа.
Покрај ова, на бродовите кои превезуваат нафта за израелската војска ќе им биде забрането да застануваат во шпанските пристаништа, додека на авионите кои носат воен материјал нема да им биде дозволен влез во воздушниот простор на Шпанија.
„Иако Израел има право да се брани и постои, тој нема право да истребува беспомошен народ. Заштитата на вашата земја и вашето општество е едно, бомбардирањето болници и гладни деца е друго. Шпанија има одговорност да стори сè што може за да го запре она што специјалниот известувач на ОН и многу експерти го сметаат за геноцид“, кажа Санчес.
Тој е еден од најгласните критичари на израелската воена операција во Газа во рамките на Европска Унија и лани ја призна независноста на Палестина.
Кон крајот на јули, Словенија стана првата членка на ЕУ која забрани продажба на оружје на Израел.