ПОЖАРОТ ВО „ДРИСЛА“ НЕ СЕ ИЗГАСНА СО ВОДА, ПА СЕ ЗАТРУПУВА СО ЗЕМЈА, ЌЕ ИМА ЗАБРАНА ЗА ДВИЖЕЊЕ ВО „ВАРДАРИШТЕ“, КАЖА АНГЕЛОВ

    ПОЖАРОТ ВО „ДРИСЛА“ НЕ СЕ ИЗГАСНА СО ВОДА, ПА СЕ ЗАТРУПУВА СО ЗЕМЈА, ЌЕ ИМА ЗАБРАНА ЗА ДВИЖЕЊЕ ВО „ВАРДАРИШТЕ“, КАЖА АНГЕЛОВВоздухот во Скопје мириса на изгорена гума, а граѓани споделуваат фотографии од кои се гледа дека густ чад има над градот. (Фото: Камера на ЈСП во живо)

    Денеска Управувачкиот комитет за управување со кризи ѝ предложи на Владата да донесе одлука за забрана за движење во дивата депонија „Вардариште“ во Скопје, рече директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

    „Оваа депонија ќе биде обележана и движењето ќе биде казниво. На тој начин ќе спречиме злонамерници да се движат во оваа депонија, ќе биде внимателно обезбедена“, кажа Ангелов.

    За пожарот кој е активен од вчера на депонијата „Дрисла“, Ангелов рече дека скопските пожарникари во текот на целата ноќ се обидуваа да го изгаснат, но гаснењето со вода не давало резултати, поради што се пристапило кон затрупување на најкритичниот дел од депонијата каде беше најсилното горење.

    „Бидејќи е прогласена кризна состојба на целата држава, денес надлежноста врз депонијата ‘Дрисла’ ја презема Главниот штаб за управување со кризи. Од тие причини, денес дадовме задача да се започне со агресивно затрупување на делот од депонијата каде го имаме најголемото чадење. Очекувам до попладневните часови овој дел да биде целосно затрупан и да престане чадењето кое предизвикува силни непријатности на граѓаните. Имаме индиции за намерно подметнат пожар, бидејќи во текот на летото, кога имаше високи температури, не дојде до самзапалување, туку сега, да речам се самозапали во наводници, кога температурите се пониски“, кажа Ангелов.

    Нема информации ниту предупредувања ни од Град Скопје ни градоначалничката Данела Арсовска, ни од здравствените власти, ниту од Министерството за заштита на животната средина. Нема ниту информации за квалитетот на воздухот од мерните станици.

    Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) велат дека за да дадат препораки за населението по однос на загадувањето на воздухот изминатиов период, мора да добијат извештаи од инспекциските служби на Град Скопје. Досега нити добиле некакво известување, нити некој ги контактирал од Град Скопје.

    „Ние немаме мерни станици, нити сме надлежни за мерењето на загадувањето на воздухот. Додека не добиеме известување од инспекциски служби, не можеме паушално да дадеме препораки“, вели директорката на ИЈЗ, д-р Марија Андоновска.

    Директорот Ангелов рече дека од МВР се поднесени кривични пријави против 3 лица кои веќе се наоѓаат во затвор, лица кои управувале со диви отпади, на кои вршеле откуп на метали кои биле добивани преку процес на согорување на кабли и друг вид на отпад на депонијата „Вардариште“.

    Ангелов апелираше дека после изборите, потребно е градоначалникот на Скопје, заедно со Владата и со градоначалникот на Општина Гази Баба, и сите надлежни институции, да почнат со реализација на проект кој е донесен пред повеќе години, бидејќи, како што рече, ова затрупување е само привремено решение.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира