Полска е најблиску до отворен конфликт од Втората светска војна, изјави премиерот Доналд Туск откако ноќеска беа соборени неколку дрона во полскиот воздушен простор за време на руски напад врз Украина. Тој кажа дека Полска побарала активирање на Членот 4 од Договорот за НАТО и дека се водат разговори со сојузниците за засилување на полската противвоздушна одбрана.
„Фактот дека овие беспилотни летала, кои претставуваа безбедносна закана, беа соборени, ја менува политичката ситуација. Затоа, сојузничките консултации ја добија формата на формално барање за активирање на Член 4 од Договорот за НАТО. На Полска ѝ треба повеќе поддршка од сојузниците“, рече Туск.
Член 4 наведува дека членките на НАТО ќе се консултираат заедно секогаш кога, според мислењето на некоја од нив, територијата, политичката независност или безбедноста на која било од нив се загрозени.
Туск додаде дека нема причина да се тврди дека Полска е во состојба на војна, но оваа ситуација е најблиску до вооружен конфликт од Втората светска војна.
Тој додаде дека имало 19 навлегувања на дронови во полскиот воздушен простор, од кои четири биле соборени. Министерството за внатрешни работи објави дека се пронајдени седум дронови и остатоци од неидентификуван објект, од кои пет на различни локации во регионот Лублин.
Кремљ конечно се огласи во врска со денешниот инцидент, само за да каже дека нема ништо да коментира.
„Не би сакале да коментираме за ова. Тоа не е наша работа. Тоа е прашање за руското министерство за одбрана. Раководството на ЕУ и НАТО ја обвинува Русија за провокации секојдневно, обично без да го поткрепува тоа“, кажа портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков,
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го опиша нарушувањето на полскиот воздушен простор како неодговорно однесување, без оглед на тоа дали било намерно.
„Целосната проценка е во тек“, кажа Руте, додавајќи дека во соборувањето на руските беспилотни летала учествувале Холандија, Италија, Полска и Германија.