ВОЗДУХОТ ВО СКОПЈЕ САМО ИЗГЛЕДА ЗАГАДЕН, АМА НЕ Е АЛАРМАНТНО КАКО ШТО СЕ ПРЕТСТАВУВА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ИАКО ГРАДОТ ДВА ДЕНА СМРДИ НА ЗАПАЛЕНА ГУМА ОД „ДРИСЛА“

    ВОЗДУХОТ ВО СКОПЈЕ САМО ИЗГЛЕДА ЗАГАДЕН, АМА НЕ Е АЛАРМАНТНО КАКО ШТО СЕ ПРЕТСТАВУВА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ИАКО ГРАДОТ ДВА ДЕНА СМРДИ НА ЗАПАЛЕНА ГУМА ОД „ДРИСЛА“Мицкоски денеска на промотиве настан во Гази Баба соградоначалникот Бобан Стефковски е и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за оваа функција за претстојните Локални избори на 19 октомври. (Фото: Влада на РСМ)

    Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека воздухот кој го дишат скопјани иако изгледа загадено, мерењата не покажуваат зголемени токсични вредности.

    Од вчера попладне, воздухот во Скопје силно мириса на изгорена гума откако се запали депонијата „Дрисла“, а граѓани споделуваат фотографии од кои се гледа дека густ чад има над градот. Пожарот што избувна вчера во 15:15 часот сè уште е активен и бидејќи не можеше да се изгаси со вода почна да се затрупува со земја. Во централниот дел на депонијата гори поголема количина отпад, при што се испушта густ чад кој се чувствува и во пошироката околина, кажа Центарот за уравување со кризи (ЦУК) и од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

    „Нема зголемени такви параметри кои што се алармантни. Тоа е визуелно така, но кога се испитувани параметрите не се така алармантни. Но лошо е тоа да се прави. И ќе се прави и има причина зошто се прави. Затоа го поставив прашањето на кој му одговара да се случува сега? Кога ќе дадете одговор на ова прашање ќе ви стане јасно кој и зошто тоа го прави“, рече Мицкоски.

    Премиерот на 8 и 9 септември по покана на премиерот Виктор Орбан беше со синовите во Будимпешта да го гледаат Роналдо на мечот Унгарија-Португалија за квалификации на Светското првенство 2026. Денеска Мицкоски беше на промотивен настан во Гази Баба, Општина на чија територија се наоѓа дивата депонија „Вардариште“ каде на 31 август избувна голем пожар кој го труеше половина Скопје и кој беше изгасен пред два дена.

    Оваа дива депонија се наоѓа на само 6,5 километри од зградата на Владата во строгиот центар на Скопје. Власта во Гази Баба изминативе 4 години е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ. Актуелниот градоначалник на Гази Баба Бобан Стефковски е и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за оваа функција за претстојните Локални избори на 19 октомври.

    По пожарот во „Вардариште“, жителите на Аеродром и други општини секој ден во 18 часот ја блокираат раскрсницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“, а протетсите ќе продолжат дури не се реши проблемот.

    Граѓанската Иницијатива O2 образложи дека за да се започне со санација на „Вардариште“, потребно е да се донесат преостанатите два ДУПа за Вардариште, за градска четврт СИ 09, блок 2 и блок 3, од Општина Гази Баба. Само тогаш ќе може да се изработи основен и изведбен проект за санација на „Вардариште“. Овие два ДУПа се ставени дури во февруари годинава во Годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови за 2025 година на Владата. Изработката ја врши Агенцијата за планирање на просторот.

    „Сиве изминати години, децении, Општина Гази Баба го кочеше процесот со неносење на ДУП за „Вардариште“, иако се крајно едноставни и лесни за изработка. Сега ќе чекаме Агенцијата да ги изработи, па потоа да се изгласаат од Советот на Гази Баба“, велат од О2.

    За загаденоста на воздухот по последниве пожари на „Дрисла“ и на дивата депонија „Вардариште“ нема информации ниту предупредувања ни од Град Скопје ни од градоначалничката Данела Арсовска, ни од здравствените власти, ниту од Министерството за заштита на животната средина. Нема ниту информации за квалитетот на воздухот од мерните станици.

    Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) велат дека за да дадат препораки за населението по однос на загадувањето на воздухот изминатиов период, мора да добијат извештаи од инспекциските служби на Град Скопје. Досега нити добиле некакво известување, нити некој ги контактирал од Град Скопје.

    „Ние немаме мерни станици, нити сме надлежни за мерењето на загадувањето на воздухот. Додека не добиеме известување од инспекциски служби, не можеме паушално да дадеме препораки“, вели директорката на ИЈЗ, д-р Марија Андоновска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира