ОЧЕКУВАМ ЧАДЕЊЕТО НА „ДРИСЛА“ ДА ЗАПРЕ ДО ВЕЧЕР, НА „ВАРДАРИШТЕ“ СЕГА ИМА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ, КАЖА АНГЕЛОВ

    ОЧЕКУВАМ ЧАДЕЊЕТО НА „ДРИСЛА“ ДА ЗАПРЕ ДО ВЕЧЕР, НА „ВАРДАРИШТЕ“ СЕГА ИМА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ, КАЖА АНГЕЛОВАнгелов вели дека гаснењето на „Дрисла“ е тешко бидејќи за да се дојде до местото каде што гори, мора да се помине низ отпадни води длабоки 1,5 метри. (Фото: ДИЖС)

    На депонијата „Дрисла“ и денеска има големо чадење, додека на дивата депонија „Вардариште“ нема ни горење, ни чадење и веќе ја обезбедуваат припадници на една агенција за обезбедување, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов. Тој кажа дека денеска ги посетил и двете депонии за да се увери во состојбата.

    Од завчера попладне, воздухот во Скопје силно мириса на изгорена гума откако се запали депонијата „Дрисла“, а над градот густ чад има над градот. Смрдеата се чувствува и денеска. Синоќа интензивна смрдеа на изгорена гума се чувствуваше во скоро сите скопски општини, чадот штипе за очи и грло.

    „На ‘Дрисла‘ и натаму има големо чадење, но ветерот дува во спротивен правец од Скопје, па во градот не се чувствува овој чад. Таму има тешка механизација, која го затрупува критичниот дел, односно таму каде што гори. Тоа не може да се види, само силно чадење. Гаснењето е тешко бидејќи за да се дојде до местото каде што гори, мора да се помине низ отпадни води длабоки 1,5 метри“, кажа Ангелов.

    Тој појасни дека депониите тешко се гасат со вода зашто длабоко во нив се одвиваат хемиско-биолошки процеси поради кои се појавуваат запаливи гасови.

    „Дигнавме еден ‘ер трактор‘, кој со пена ќе се обиде да ја ублажи ситуацијата. Чадењето е значително помало и очекувам до вечер да биде намалено и дури да прекине“, кажа Ангелов.

    Владата денеска забрани движење на територија на дивата депонијата „Вардариште” во Општина Гази Баба, како итна мерка за справување со пожарот на депонијата, а а за надлежен го назначи првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, соопшти попладнево Министерството за животна средина.

    Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи будно ја следи целата ситуација вои и околу Вардариште и ќе биде вклучена се до трајно решение на овој проблем, за што бара трпение од засегнатите граѓани, вели Министерството.

    Од таму соопштија и дека околу 15:15 часот, државниот Инспекторат за животна средина изврши вонреден инспекциски надзор поради пожарот кој избувна на поранешната депонија за комунален отпад „Дрисла“, по пријава од Полициската станица Гази Баба, изготвен е извештај испратен по е-пошта до Министерството и Инспекторатот.

    „Од надзорот е изготвен записник за констатирање, а ќе бидат земени и примероци од подземни води и почва од страна на акредитирана лабораторија за животна средина. ЈП ‘Дрисла’ достави и извештај од мониторинг станицата за квалитет на воздухот. Инспекциската постапка е во тек и се следат сите мерки за евалуација на влијанието и отстранување на последиците од пожарот“, вели Министерството.

    Ангелов најави дека „Вардариште“ ќе биде детално обезбедена, за што веќе е ангажирана „општествено одговорна агенција што нема да ја чини Владата ни денар“.

    Ангелов изрази сомнеж дека пожарите на двете депонии се подметнати и кажа дека три лица се во притвор.

    „Повторно прогласивме кризна состојба поради пожарите за да можеме да преземеме активности околу овие депонии во делот на гаснењето. Имаме индиции дека пожарите не се самозапалени. Сомнително е тоа што има палежи на двете депонии истовремено сега кога температурите се пониски, а ги немаше во јули и август, кога беше многу топло. Веќе се поднесени кривични пријави и одреден е притвор за три лица кои откупувале материјали од лица кои палеле кабли и друг отпад на ‘Вардариште‘, па ги продавале. Ние сме жртви на неколку семејства, кои за да преживеат, трујат пола Скопје“, рече Ангелов.

    Премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека воздухот кој го дишат скопјани иако изгледа загадено, мерењата не покажуваат зголемени токсични вредности.

    „Нема зголемени такви параметри кои што се алармантни. Тоа е визуелно така, но кога се испитувани параметрите не се така алармантни. Но лошо е тоа да се прави. И ќе се прави и има причина зошто се прави. Затоа го поставив прашањето на кој му одговара да се случува сега? Кога ќе дадете одговор на ова прашање ќе ви стане јасно кој и зошто тоа го прави“, рече Мицкоски.

    Оваа изјава на премиерот предизвика остри реакции на осуда во јавноста.

    Денеска тој ја повтори инсинуацијата дека пожарите на депониите се користат за да се минимизира успехот во справување со пожарите во летната сезона.

    „Е сега очигледно на некој тоа му пречеше и периодот на предизборие го користи за да создаде паника и негодување“, без да прецизира кому му пречи и дали има истраги што ги потврдуваат неговите тврдења.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира