На 13 септември од 19 часот, во дворот на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, јазичната инцијатива „Зборци“ ќе ја одржи првата „Зборотворба на годината“. Од тимот на младите ентузијасти кои ја основаа инцицијативата велат дека тоа е нивниот роденденски подарок за македонскиот јазик.
Настанот ќе се состои од неколку делови. Ќе започне со дискусија на тема „Македонски јазик: минато, сегашност, иднина“, на која ќе зборуваат Тамара Ќупева од Институтот за македонска литература, Александра Гецовска од Институтот за македонски јазик, и Ѓорѓи Јолевски, актер од Македонскиот народен театар (МНТ). По дискусијата следува забава на четири бендови: „Кем“, Мојра“, „Сам“ и „Доуп куќата“. Помеѓу нивните настапи ќе се доделуват наградите за зборовите што влегле во финалето.
„Веруваме дека ќе биде прекрасен настан. За нас, ова е кулминација на целата работа, труд и љубов што ја вложивме во ‘Зборци’ и во македонскиот јазик. Овој ден е важен затоа што покажува дека сè уште има луѓе кои сакаат да мислат, да создаваат и да си играат со јазикот. Го организираме за сите што не се помириле со реченицата ‘овој јазик нема зборови’. Има, само треба да ги смислиме. И тоа го правиме, заедно“, велат од „Зборци“.
Зад „Зборци“ стојат луѓе кои, како што велат, ја сакаат работата што ја прават: Виктор Бучковски, Игор Антов, Илин Столески и Анелија Митрова. На нивните социјални мрежи, често добиваат пораки од луѓе кои им предлагаат нови зборови за објава.
„Но искрено, не сме само ние. ‘Зборци’ е секој што има предложено збор, секој што ни пратил порака, секој што нѐ прашал: ‘А, зошто не го објавивте мојот збор?“ Од самиот старт нашиот слоган е, ‘aко се бориш за зборот ти си зборец!“, велат од тимот на „Зборци“.
За новите зборови кои ги објавуваат на социјалните мрежи, како на пример, риломанија, што значи нездрава обземеност од кратки видеа, велат дека ги наоѓаат од секаде.
„Некои нè наоѓаат нас, други ние ги смислуваме кога ќе ни недостасува збор за нешто што го чувствуваме. Ни праќаат зборови по пораки, ни ги кажуваат на настани, некогаш и случајно во муабет. Немаме формула. Понекогаш е игра, понекогаш е потреба“, ни рекоа од „Зборци“.

Тимот на „Зборци“ во Музејот на современа уметност во Мадрид, до поставката „Југославија“ (Фото: Приватна архива)
Зборовите кои ги откриваат се најчесто нешто што досега никој не го кажал, ама сите го разбираме.
„Нè загрижува кога некој ќе каже дека македонскиот е јазик без зборови или дека е сиромашен. Нашиот став е дека е нормално, до одредена мера, англискиот јазик да има влијание и самите ние не сме исклучок. Англиски зборови се дел од нашиот секојдневен говор, поради едноставна причина: огромното количество содржина на англиски, додека на македонски, не баш. Ова е сериозно прашање и мора внимателно да се разгледа, особено во ерата на глобализација во која живееме. Јазиците со мало говорно подрачје, како нашиот, се под постојана закана од јазиците со поголемо говорно подрачје, и тоа е нешто на кое мора да внимаваме“, кажаа од Иницијативата.
Според нив, идеалистичкото сценарио би било секој од нас да создава содржина на македонски јазик.
„МТВ треба да ја заживее продукцијата и да се разбере ова како прашање од национална важност, а Владата да преземе активна стратегија за поддршка на креаторите на македонски содржини, од образование, преку култура, до медиуми. Потребно е јасно дефинирање на јазичната политика, финансиски стимули за автори, преведувачи и медиумски куќи, како и создавање национални дигитални архиви и платформи за македонска содржина. Јазикот е жива материја, а сè што е живо може да згасне ако не го негуваме. Затоа, секој треба да ја препознае својата улога: државата како чувар, медиумите како преносители, образованието како темел, а граѓаните како секојдневни практичари на јазикот. Ако не ја преземеме оваа одговорност, ризикуваме нашата култура да се претопи во туѓа“, ни кажаа од „Зборци“ .
М. ЏАРОВСКА