СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ ПОВТОРНО СЕ КАНДИДИРА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА КАРПОШ

    СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ ПОВТОРНО СЕ КАНДИДИРА ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА КАРПОШЈакимовски досега бил градоначалник на Карпош во 4 мандати. (Фото: Фејсбук)

    Стевчо Јакимовски, актуелниот градоначалник на Општина Карпош и лидер на партијата Граѓанска опција за Македонија-ГРОМ, денеска најави дека повторно се кандидира за градоначалничката функција на Локалните избори на 19 октомври.

    „Денеска официјално ја најавувам мојата кандидатура за градоначалник на Општина Карпош. Повторно ја барам вашата доверба – заедно да продолжиме таму каде што застанавме и да го направиме Карпош уште посилна и поуредна општина. Карпош не само што ги решава тековните проблеми, туку живее иднина што другите општини ќе ја чекаат уште најмалку една деценија. Почнавме од ист старт – од нула – но денес Карпош е далеку пред сите, со решени основни проблеми и со амбиција да гради за иднината.Во следниот мандат продолжуваме уште посилно – со изградба на катни гаражи и решено паркирање, со нов пензионерски дом, со повеќе зеленило и уште поголема поддршка за младите и највозрасните. Јас не сум послушник на големите партии. Јас сум вашиот пријател – вашиот Стевчо. Секој од вас го има мојот број и знае дека сум секогаш достапен“, објави Јакимовски на својот официјален фејсбук профил.

    Јакимовски досега бил градоначалник во 4 мандати, од 2000–2003 како кандидат на Либерално-демократската партија, од 2009–2017 два мандата како како кандидат на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и од 2021 досега како лидер на ГРОМ.

    Лани, на Претседателските избори 2024, беше и кандидат за претседател и освои само 8.013 гласови, од кои 2.143 гласови во Општина Карпош, односно помалку гласови од бројот на потписи за претседателска кандидатура, зад која му се потпишаа 10.000 граѓани.

    Во април годинава, Јакимовски е неправосилно осуден на три и пол години единствена казна затвор, по обвинение за две кривични дела: бесправна градба на новата општинска зграда и злоупотреба на службената положба и овластувањата. Според обвинението од август 2018, градоначалникот Јакимовски дозволил објектот на Општина Карпош каде што е сместена општинската администрација да се изгради без одобрение за градба и без соодветно архитектонско-урбанистичка документација. Пресудата не е правосилна поради жалбената постапка.

    Вчера, Јакимовски свечено ја предаде во употреба новата зграда на Општина Карпош, за чија изградба е осуден.

    На 18 март 2024, додека беше претседателски кандидат, американскиот Стејт департмент го стави Јакимовски на црна листа, поради дејствија со кои го поткопал владеењето на правото и довербата на јавноста во демократските институции. За Јакимовски во образложението на Стејт департментот се вели дека „како градоначалник на Карпош бил вклучен во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на неговата службена положба да се меша во урбанистичкото планирање и јавните набавки за корист лично за него и за неговите соработници“.

    Докторката Маја Мојсова-Мијовска, која беше Национална координаторка за трансплантација, е кандидатка на СДСМ за градоначалничка на Општина Карпош, а Сотир Лукровски е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. За градоначалничка се кандидираше и Невена Георгиевска, актуелна советничка на граѓанската иницијатива „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира