Војските на Русија и Белорусија започнаа заедничка воена вежба на прагот на НАТО, што ќе вклучи маневри во двете земји, како и во Балтичко и Баренцово Море, објави руското министерство за одбрана. Вежбата „Запад 2025“ се случува во исклучително тензичен момент во руско-украинската војна, само два дена откако Полска собори руски дронови во својот воздушен простор.
„Целите на вежбата се подобрување на вештините на командантите и штабовите и на нивото на соработка и теренската обука на регионалните и коалициските групи на трупи“, соопшти руското министерството за одбрана на Телеграм.
Во првата фаза, трупите ќе симулираат одбивање напад врз Русија и Белорусија, чиј сојуз е познат како Сојузна држава.
„Втората фаза ќе се фокусира на враќање на територијалниот интегритет на Сојузната држава и уништување на непријателот, вклучително со учество на коалициска група сили од пријателски држави“, соопшти министерството.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека вежбите, вклучително и оние во близина на полската граница, не се насочени против ниедна земја.
Западот го оцени инцидентот со дроновите над Полска како повик за будење на НАТО и тест за неговите одговори. Западните земји сметаат дека тоа беше намерна провокација од страна на Русија, што таа го негираше. Руското министерство за одбрана соопшти дека нејзините дронови не планирале да погодат никакви цели во Полска. Доналд Трамп рече дека упадот на руските дронови во Полска можеби бил грешка.
Дури и пред овој инцидент, полскиот премиер Доналд Туск ја опиша вежбата „Запад“ како многу агресивна и најави дека Полска ќе ја затвори својата граница со Белорусија на полноќ во четврток. Белорусија, исто така, граничи со членките на НАТО, Литванија и Летонија.