Четири лица се повредени во вчерашниот пожар во рециклаторниот центар на „Ф-Групација“ во скопско Трубарево за отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, литиум-јонски батерии од апарати и возила, како и секаков електронски отпад, соопшти на прес-конференција портпаролката на Владата, Марија Митева. Двајца се хоспитализирани, а двајца амбулантски згрижени. Повеќе детали за повредените ќе каже министерот за здравство Азир Алиу на прес-конференција во 13 часот.
Опасен отпад од вчера гори во рециклаторниот центар, а пожарот вчера околу 13.30 часот во штала наменета за складирање на отпадни електрични материјали. Пожарот за кратко време предизвика густ црн чад и се прошири и на неколку околни објекти. ожарот утринава е ставен под целосна контрола по 15 часа.
Mинистерот за животна средина и прв вицепремиер Изет Меџити кажа дека денеска ќе има резултати за квалитетот на воздухот и „за сè ќе биде известено детално и транспарентно“.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов кажа дека е спречено пожарот да се прошири во погоните каде е складирана отпадна пластика. Тој рече дека пожарникарите откривале каде горат литиумските батерии според пукотниците и таму се дејствувало со песок, а на другиот запален отпад со вода и пена.
Јавниот обвинител соопшти дека вчера упати барање за поддршка до Началникот на Генералштабот на АРМ за вклучување на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата која со специјални инструменти изврши мерења и детекција на хемиска и токсична контаминација на воздухот со гасови и честички кои се ослободуваат од пожарот.
„Известување со резултатите од првичните мерења е доставено до обвинителството. Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје ги очекува резултатите од извршените мерења и од надлежните служби на Министерството за животна средина. Јавниот обвинител издава наредби за обезбедување на целокупната документација за работата на компанијата во чии магацини настана пожарот. Во следниот период, по создавање на услови и обезбедување на податоци за видот на складираните објекти, ќе биде наредено вештачење за да се утврди видот на контаминација и последиците од загадувањето. До овој момент во опожарениот објект нема услови да се врши увид на лице место, а припадниците на МВР и натаму се задолжени да ограничуваат пристап на сите неовластени лица и на лица кои немаат соодветна заштита“, вели Обвинителството.
Б. НЕСТОРОСКА