Учениците од училиштата во непосредна близина на пожарот во скопско Трубарево ќе учат онлајн една недела, рече денеска министерот за здравство Азир Алиу. Четири лица се повредени во вчерашниот пожар во рециклаторниот центар на „Ф-Групација“ во скопско Трубарево за отпадна електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, литиум-јонски батерии од апарати и возила, како и секаков електронски отпад.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска, соопштии дека на денешната итна седница на Владата, одлучено е наставата во основните училишта ООУ „Крум Тошев“, ООУ „Његош“, ООУ „Вера Јоциќ и ООУ „Наум Наумовски Борче“ во општина Гази Баба да се реализира преку далечинско учење со помош на средства за електронска комуникација, во период од 15 до 19 септември.
Алиу кажа дека на Клиниката за токсикологија е хоспитализирана жителка на Трубарево, која живее во непосредна близина на пожарот, и која имала вртоглавица и кашлица. Повредени се и еден полицаец, припадник на АРМ и директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК), но тие биле амбулантски прегледани и се пуштени на домашно лекување. Сите четири лица се надвор од животна опасност. Од ЦУК соопштија дека директорот Мухамед Али синоќа побарал медицинска помош на Токсиколоија зашто во текот на вчерашниот ден и вечерните часови престојуваше повеќе од 12 часа на терен за гаснење на пожарот и бил долготрајно изложен на загадена средина. По извршените медицински контроли, неговата здравствена состојба е стабилна и не претставува ризик.
Нема лица од Трубарево кои доброволно се евакуирале во Центарот за обука на МВР во Идризово кој беше отстапен за сместување за жителите чии домови се во близина на местото на пожарот.
Опасен отпад од вчера гори во рециклаторниот центар, а пожарот вчера околу 13.30 часот во штала наменета за складирање на отпадни електрични материјали. Пожарот за кратко време предизвика густ црн чад и се прошири и на неколку околни објекти. Пожарот утринава е ставен под целосна контрола по 15 часа.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) Марија Андоновска рече дека тие не ги прават физичко-хемиските анализи во воздухот, мониторингот го прави друга државна институција.
„Ние сме законски обврзани да правиме мониторинг на квалитет на воздух, почва и вода, на радијацијата во воздухот и можам да кажам дека Институтот располага со најсовремена опрема за оваа намена и со професионалци. Имаме 12 мерни станици низ цела држава, од кои неколку во Скопје, кои во реално време ни покажуваат дали има отстапувања на параметрите за радиоактивност во воздухот. Според нашите сознанија, во моментов нема никакво, ни минимално отстапување од нормалните параметри, што се однесува за радиоактивност во воздухот. Денес и утре, наши екипи ќе направат анализи, ќе ги проверат и почвата и водата“, изјави Андоновска.
Министерот за животна средина и прв вицепремиер Изет Меџити кажа дека денеска ќе има резултати за квалитетот на воздухот и „за сè ќе биде известено детално и транспарентно“.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов кажа дека е спречено пожарот да се прошири во погоните каде е складирана отпадна пластика. Тој рече дека пожарникарите откривале каде горат литиумските батерии според пукотниците и таму се дејствувало со песок, а на другиот запален отпад со вода и пена.
Министерството за животна средина соопшти дека во соработка со Институтот за јавно здравје, Кризниот штаб на Владата и Државниот инспекторат за животна средина, се преземени итни мерки за заштита на здравјето на граѓаните.
„Согласно препораките од Државниот инспекторат за животна средина, се преземаат следните активности: До Институтот за јавно здравје е доставено барање за извршување на анализа на вода од бунари што ги користат домаќинствата во непосредна близина на опожарениот магацин; Министерството за животна средина и просторно планирање издаде забрана за пристап и движење на локацијата на пожарот; во наредните 7 дена, акредитирана лабораторија ќе врши 24/7 мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух; до Основното општинско училиште „Крум Тошев“ во Трубарево е испратена препорака за ограничување на движењето на учениците на отворен простор сè до стабилизирање на состојбата“, соопшти Министерството.
Б. НЕСТОРОСКА