Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека постигнале рамковен договор со Кина за сопственоста на американските операции на ТикТок. Бесент рече дека ова ќе го отвори патот за американско сопствеништво врз популарната апликација и додаде дека Доналд Трамп и кинескиот претседател Шји Џинпинг ќе го завршат договорот в петок.
Трамп кажа дека разговорите поминале многу добро. Кина ја потврди веста за рамковен договор, но нагласи дека нема да склучи договор на сметка на интересите на кинеските компании. Кинескиот сопственик на ТикТок „Бајтденс“ мора да најде купувач за своите американски операции или ќе се соочи со затворање и забрана во САД.
„Заканата за затворање на апликацијата во САД ги убедила кинеските преговарачи да се откажат од барањата за намалени царини како дел од кој било договор за продажба на американскиот огранок на ТикТок. Договорените комерцијални услови ќе ги заштитат интересите на американската национална безбедност“, кажа Бесент.
Во јануари, Врховниот суд на САД го потврди законот од април 2024, со кој се забранува апликацијата за споделување видеа, освен ако „Бајтденс“ не го продаде својот американски оддел. Министерството за правда на САД изјави дека пристапот на ТикТок до податоците на американските корисници претставува огромна закана за националната безбедност.
ТикТок беше исклучен на еден ден во јануари откако законот стапи во сила, пред Трамп да интервенира и да издаде 75-дневно одложување. Рокот за продажба оттогаш беше продолжен трипати и сега истекува на 17 септември.