ИЗРАЕЛ ВРШИ ГЕНОЦИД ВО ГАЗА, ОБЈАВИ КОМИСИЈА НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ

    ИЗРАЕЛ ВРШИ ГЕНОЦИД ВО ГАЗА, ОБЈАВИ КОМИСИЈА НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИСе проценува дека над 90% од домовите во Газа се оштетени или уништени и нема нормални услови за живот (Фото: АФП)

    Посебна комисија за истраги на Обединетите нации утврди дека Израел врши геноцид врз Палестинците во Газа.

    Нов извештај вели дека постојат разумни основи да се заклучи дека од почетокот на војната против Хамас во 2023 биле извршени четири од петте геноцидни дела дефинирани според меѓународното право: убивање членови на група, нанесување сериозни телесни и ментални повреди, намерно создавање услови наменети да ја уништат групата и спречување на раѓања. Во него се наведени изјави на израелските лидери и моделот на однесување на израелските сили како доказ за геноцидна намера.

    Министерството за надворешни работи на Израел соопшти дека категорично го отфрла извештајот како „искривен и лажен“.

    „Спротивно на лагите во извештајот, Хамас е тој кој се обиде да изврши геноцид во Израел, убивајќи 1.200 луѓе, силувајќи жени, палејќи живи семејства и отворено прогласувајќи ја својата цел да убие секој Евреин“, соопшти министерството.

    Израелската војска започна брутална воена акција во Газа како одговор на невидениот упад на Хамас во јужен Израел на 7 октомври 2023, кога беа убиени околу 1.200 луѓе и беа земени 251 заложник. Најмалку 64.905 луѓе се убиени во израелските напади во Газа оттогаш, според Министерството за здравство на Газа, кое го води Хамас.

    Поголемиот дел од населението на Газа е постојано раселено. Се проценува дека повеќе од 90% од домовите се оштетени или уништени, нема нормални услови за живот, а експерти на Обединетите нации прогласија глад во градот Газа.

    Ситуацијата дополнително би можела да се влоши бидејќи израелската војска денеска ја почна најавената копнена офанзива во градот Газа, со цел целосно да го заземе.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира