Доналд Трамп кажа дека поднесол тужба против весникот „Њујорк тајмс“ за клевета и навреди и притоа бара отштета од 15 милијарди долари. Тужбата се однесува на весникот, четворица негови известувачи и издавачот „Пингвин рендом хаус“.
„На ‘Њујорк тајмс‘ предолго му беше дозволено да лаже, клевети и да ме оцрнува и тоа запира сега“, објави Трамп на својата социјална мрежа.
Тој го издвои приклонувањето на весникот кон Камала Харис во ланската предизборна кампања и го опиша како „гласноговорник на радикално левичарската Демократска партија“. Тужбата е поднесена во суд во Флорида, која важи за републиканско упориште. Весникот досега не ја коментираше тужбата.
„Нивната поддршка за Камала Харис беше ставена во самиот центар на насловната страница на ‘Њујорк тајмс‘, што беше нечуено досега“, кажа Трамп.
Тој обвини и други медиуми и телевизиски програми дека го оцрнуваат преку „високософистициран систем на документација и визуелна промена“.
Трамп го тужеше Си-Ен-Ен за клевета во 2023, но федерален судија ја отфрли неговата тужба од 475 милиони долари.