Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го нападна израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху откако тој денеска означи почеток на копнена офанзива во градот Газа, велејќи дека идеолошки е како Адолф Хитлер.
„Како што Хитлер не можел да го предвиди поразот што го чекал, Нетанјаху ќе се соочи со истата судбина“, кажа Ердоган, кој учествува на арапско-исламски самит во Доха, свикан по неодамнешниот израелски напад врз лидерите на Хамас во Доха.
Израел денеска ја почна долгоочекуваната копнена офанзива во градот Газа, при што министерот за одбрана Израел Кац кажа дека „Газа гори“. Локални жители кажаа дека ова се најсилните бомбардирања од почетокот на војната пред речиси две години.
Израелската војска објави дека трупите навлегуваат подлабоко во главниот град на енклавата и дека бројот на војниците ќе расте во следните денови, за да се соочат со околу 3.000 борци на Хамас, колку што се верува дека се останати во градот.
„Нашите сили постепено влегуваат во градот како дел од следната фаза од офанзивата. Воздушни и копнени сили ќе бидат дел од таа фаза“, кажа израелската војска.
За тоа време, илјадници палестински семејства се обидуваат да избегаат од градот. Израелската војска отвори само еден крајбрежен пат за евакуација на цивилите, каде што, според очевидците, се создал голем метеж од автомобили и камиони.
Израел ноќеска почна со жестоки бомбардирања на градот Газа, што жителите ги опишаа како „пекол“. Неколку часа пред ескалацијата, американскиот државен секретар Марко Рубио кажа дека САД и натаму се надеваат на дипломатски крај на војната, но се спремни на можноста дека тоа нема да се случи.