Четири лица се уапсени откако фотографии од Доналд Трамп и сексуалниот престапник Џефри Епстајн беа проектирани на кралскиот замок Виндзор, каде што кралот Чарлс ќе го нагости американскиот претседател за време на неговата државна посета на Велика Британија.
Доналд и Меланија Трамп доцна синоќа пристигнаа во Велика Британија, а посетата ќе биде мешавина од кралска поворка, трговски разговори и меѓународна политика. Пред нивното доаѓање, демонстрантите развеаја огромен транспарент со фотографија од Трамп и Епстајн во близина на замокот Виндзор, а подоцна проектираа неколку слики од двајцата на една од кулите на замокот.
Полицијата кажа дека четири возрасни лица се уапсени поради „неовластена проекција“ во замокот Виндзор, која ја опишаа како јавна егзибиција. На замокот беа проектирани и роденденската честитка со гола жена што Трамп наводно му ја испратил на Епстајн, исечоци од весници и фотографии од жртви на Епстајн.
Трамп испрати позитивни сигнали пред доаѓањето во Велика Британија, велејќи дека има многу добри односи со неа.
„Тие сакаат да видат дали можат малку да го усовршат трговскиот договор и јас сум заинтересиран да им помогнам, но главната цел на посетата е да го видам мојот пријател кралот Чарлс. Тој ја претставува земјата многу добро и е толку елегантен господин“, кажа Трамп.
Се очекува Трамп и британскиот премиер Кир Стармер да потпишат договори вредни десетици милијарди долари.