Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит ќе достават фотографски и научни докази во американскиот суд за да докажат дека првата дама на Франција е женско. Адвокатот на двојката ќе ја презентира документацијата во тужбата за клевета што ја имаат поднесено против десничарската инфлуенсерка Кендис Овенс, која го шири верувањето дека Брижит Макрон била родена како машко.
„Госпоѓа Макрон смета дека тврдењата се неверојатно вознемирувачки и дека служат за одвлекување на вниманието на францускиот претседател. Како и секој кој балансира кариера и семеен живот, кога вашето семејство е нападнато, тоа влијае врз вас. И тој не е имун на тоа бидејќи е претседател на една земја“, изјави нивниот адвокат Том Клер, најавувајќи научен исказ од експерт.
Тој додаде дека двојката е подготвена целосно да покаже, и генерички и конкретно, дека обвинувањата се лажни.
Овенс, која има милиони следбеници на социјалните мрежи, постојано го промовира својот став дека Брижит Макрон е маж. Вакви тврдења почнаа да кружат на интернет во 2021, кога француските блогерки Амандин Рој и Наташа Реј објавија едно видео. Макронови првично го добија случајот за клевета против нив, но пресудата беше поништена врз основа на слобода на изразување.
Во јули, Емануел и Брижит Макрон поднесоа тужба против Овенс во САД. Во неа се вели дека „таа ги игнорирала сите веродостојни докази што го побиваат нејзиното тврдење“.
Емануел и Брижит Макрон се во брак од 2007, десет години пред тој да биде избран за претседател на Франција. Таа има три деца од првиот брак.