Доналд Трамп се закани дека телевизиите кои известуваат против него би можеле да ја изгубат дозволата за емитување, поддржувајќи го американскиот регулатор на медиуми во суспензијата на водителот на Еј-Би-Си Џими Кимел.
Оваа ТВ-мрежа вчера соопшти дека го тргнала шоуто на Кимел од програмата на неодредено време поради неговите коментари за убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк. Кимел оваа недела во своето шоу сугерираше дека убиецот на Кирк бил поддржувач на Трамп, додека властите на Јута кажаа дека тој бил „индоктриниран со левичарска идеологија“.
Еј-Би-Си го откажал шоуто откако Федералната комисија за комуникации се заканила со регулаторни мерки, што ја зголеми загриженоста дека Трамп ја ограничува слободата на говорот на неговите критичари.
„Некаде прочитав дека ТВ-мрежите биле 97% против мене, 97% негативни, а сепак победив, и тоа лесно, во сите седум неопределени држави. Тие ми даваат само лош публицитет. Можеби треба да им се одземе лиценцата“, кажа Трамп.
Кимел рече дека „МАГА бандата“ се обидува да добие политички поени од убиството на Кирк.
„МАГА бандата очајно се обидува да го окарактеризира ова дете кое го уби Чарли Кирк како нешто што не е едно од нив и прави сè што може да добие политички поени од тоа“, кажа Кимел.
Тој исто така ја критикуваше одлуката знамињата да се спуштат на половина копје во чест на Кирк и се потсмеваше со реакцијата на Трамп на пукањето.
Шефот на Федералната агенција за комуникации Брендан Кар изјави дека Кимел ја заведувал јавноста со своите коментари за Кирк.
„Коментарите на Кимел не беа шега или потсмевање. Тоа беше најлошото можно однесување. Фирми како Еј-Би-Си би можеле да најдат начини да го променат однесувањето и да преземат мерки или ќе има дополнителна работа за нас“, рече Кар.