Основното јавно обвинителство Велес, постапувајќи по поднесена кривична пријава од МВР, поведе постапка против 59-годишен велешанец кој ја демнел и тепал поранешната партнерка. Тој е осомничен за кривичното дело Демнење и за продолженото кривично дело Насилство.
Од преземените предистражни дејствија произлегува дека осомничениот, кој бил во интимна врска со жртвата, ја демнел во последните неколку месеци, се мешал во нејзиниот личен живот, проверувал со кого комуницира и се дружи, каде излегува, ја навредувал и психички ја вознемирувал. Со тоа, кај неа предизвикувал чувство на несигурност, вознемиреност и страв.
„На 18 септември, во повеќе наврати во текот на денот, вршел грубо насилство врз жртвата и притоа телесно ја повредил, и тоа еднаш на работното место, а потоа трипати доаѓал во нејзиниот стан, каде насилно влегувал“, велат од Обвинителството.
Ценејќи ги сите околности, особено фактот дека осомничениот работи заедно со жртвата, неговата упорност физички да ја напаѓа и малтретира во еден ден, како и фактот дека претходно не му се определени привремени мерки за заштита од семејно насилство, јавниот обвинител оценил дека постои ризик од повторување на неговите насилнички дејствија.
„Поради неговото занимање и важечката документација за премин на државната граница, тој е во можност да се даде во бегство, па до Основниот суд во Велес надлежниот обвинител поднесе предлог за определување мерка притвор. Судот го прифати предлогот и ја определи мерката“, велат од Обвинителството.