Вечерашната церемонија на отворањето на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Центарот за култура во Битола ќе ја води младата актерка со космополитска биографија и македонско потекло, Сара Сандева.
„Манаки“ отвора вечерва со македонската премиера на „Мајка“, првиот филм на англиски јазик на Теона Митевска, инспириран од животот на Мајка Тереза, кој минатиот месец ја отвори натпреварувачката програма „Хоризонти“ на Венециски филмски фестивал. Фестивалот ќе го затвори наградуваното деби на Георги Унковски „Диџеј Ахмет“.
Сандева е родена во Скопје во 1997, а на две години се преселила во Чешка. Таму израснала, а својата актерска кариера ја градела во Прага, каде што дипломирала на престижниот Конзерваториум за музика и драма. Од шестгодишна возраст е на сцена, а денес зад себе има богато портфолио од филмови, серии и театарски настапи.
Покрај чешки филмови и серии, Сандева играше и во големиот балкански проект „Нечиста крв“. Нејзиниот последен филм, романтичната комедија „Пролет во Прага“, е сниман во Прага и Филипини. Сара Сандева игра и во дебитантскиот филм на Срѓан Јаникијевиќ, „Нема да ви се верува што се случи претходно“, кој уште нема премиера.
„Од сцените на Прага до филмските платна низ Европа, Сандева создаде имиџ на уметница која умее да поминува културни граници со леснотија. Таа зборува чешки, македонски, српски, хрватски и англиски јазик, а токму повеќејазичноста и културната чувствителност ја прават вистински симбол на генерација што носи елеганција, современост и отвореност кон светот, но и нераскинлива врска со сопствените корени“, соопштија од Фестивалот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА