МИНИСТЕРОТ АЛИУ ВЕЛИ ДЕКА ЌЕ СЕ УКИНЕ ДИСКРЕЦИОНОТО ПРАВО СО КОЕ ДИРЕКТОРИТЕ НА БОЛНИЦИТЕ ВРАБОТУВААТ ПАРТИСКИ КАДРИ НАМЕСТО НАЈДОБРИТЕ КАНДИДАТИ

    МИНИСТЕРОТ АЛИУ ВЕЛИ ДЕКА ЌЕ СЕ УКИНЕ ДИСКРЕЦИОНОТО ПРАВО СО КОЕ ДИРЕКТОРИТЕ НА БОЛНИЦИТЕ ВРАБОТУВААТ ПАРТИСКИ КАДРИ НАМЕСТО НАЈДОБРИТЕ КАНДИДАТИДиректорите, кои се партиски поставени, редовно го злоупотребуваат ова право кога има конкурси за вработување нови лекари, па иако има процедура и рангирање, на крајот си вработуваат кандидати од партиските списоци. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за здравство Азир Алиу вели дека ќе се укине дискреционото право на директорите на болниците со кое тие законски смеат наместо најдобро рангираниот доктор, да вработат кого сакаат. Алиу ова го изјави во интервју за Агенда 35 на МРТВ, откако две години Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“, преку Граѓанската сила „Замисли“ и заедно со Македонското здружение на млади правници, Клубот на млади лекари и Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари бараа укинување на дискреционото право на директорите.

    Директорите, кои се партиски поставени, редовно го злоупотребуваат ова право кога има конкурси за вработување нови лекари, па иако има процедура и рангирање, тие на крајот си вработуваат кандидати од партиските списоци. Алиу во интервјуто кажа дека самиот е против оваа практика и дека тој лично инсистира нејзиното укинување да биде вметнато во новите законски измени.

    „И за мене тој дел со дискреционото право е нелогичен. Кога се работи за доктор или за медицинска сестра, не може директорот да одбере кој од нив е најдобар ако има јасно рангирање на сите профили кои треба да се вработат. Јавно кажувам дека и јас сум против ова, што уште е и законско решение. Сега менуваме 12 закони, процедурата е во тек и јас ќе работам да се дефинира процесот, да биде транспарентен и меритократски и да биде вработен оној кој заслужува. На крајот на денот, тој доктор ќе опслужува граѓани, ние сме сите потенцијални пациенти и ќе се борам процесот да заврши докрај, а не меритократијата да се множи со нула“, рече Алиу.

    На прашањето дали очекува политички притисок оти токму преку ова дискреционо право партиите си го одржуваат клиентелизмот во здравството, Алиу рече дека за ова се разговарало и на владина седница.

    „Ќе одам и чекор понатаму. Во здравството и во образованието ние си правиме контрауслуга ако се политизираат тие процеси. Еве, во образованието, сите ние сме родители, утре на моето дете наставник ќе му биде партиска личност, не професионализирана како што треба. Во здравството е уште пострашно. Уште еднаш напоменувам – секој од нас е потенцијален пациент во секој момент, вие не знаете кога ќе ви треба, кој ќе биде од другата страна што ќе ви даде услуга. Јас сум сигурен, оти за ова е разговарано и на ниво на Влада, оваа Влада има јасни цели дека здравството мора да биде на здрави нозе“, кажа министерот во интевјуто за Агенда 35.

    „Замисли“ организираше серија дебати во различни македонски градови, каде беа претставени оваа битка и заедничка акција за департизација на здравствениот систем, а беа објавени и десетина интервјуа и сведоштва на млади лекари кои се соочиле со партиски притисоци во процесот на вработување. Дел од тие лекари сега се вработени во земјите од Западна Европа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира