САД размислуваат да воведат санкции против целиот Меѓународен кривичен суд во Хаг, што би можело да ја наруши неговата секојдневна работа. Ваквата одлука би била одмазда за истрагите на потенцијални израелски воени злосторства во Газа.
Вашингтон веќе воведе санкции за неколкумина обвинители и судии од судот, но ставањето на целиот суд под санкции би била значајна ескалација. Шест добро упатени извори кажаа за „Ројтерс“ дека одлуката ќе биде соопштена во следните денови.
Еден извор кажа дека судот веќе одржал вонреден интерен состанок, на кој се разговарало за влијанието на санкциите.
„Судот има можност да го промени курсот со тоа што ќе направи критични и соодветни структурни промени. САД ќе преземат дополнителни чекори за да ги заштитат нашите храбри војници и другите сè додека судот продолжува да претставува закана за нашите национални интереси“, рече портпаролот на Стејт департментот.
Санкциите за судот како субјект би можеле да влијаат врз неговата основна секојдневна работа, од способноста да ги плаќа своите вработени до пристапот до банкарски сметки и софтверот на неговите компјутери.
Судот е основан во 2002 врз основа на договор со кој му се дава надлежност да гони геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства. Израел и САД не се членки, а судот ја признава Палестина како членка.



