НА 24 И 25 СЕПТЕМВРИ ЕКИПИ ОД ПУЛМОЛОГИЈА ЌЕ ВРШАТ СКРИНИНГ ЗА ЖИТЕЛИТЕ НА ТРУБАРЕВО ПО ОПАСНИОТ ПОЖАР ВО ЦЕНТАРОТ ЗА РЕЦИКЛИРАЊЕ

    НА 24 И 25 СЕПТЕМВРИ ЕКИПИ ОД ПУЛМОЛОГИЈА ЌЕ ВРШАТ СКРИНИНГ ЗА ЖИТЕЛИТЕ НА ТРУБАРЕВО ПО ОПАСНИОТ ПОЖАР ВО ЦЕНТАРОТ ЗА РЕЦИКЛИРАЊЕНа 13 септември избувна пожар во рециклаторниот центар на „Ф-групација“, а надлежните уште не знаат што горело во моментот на пожарот. (Фото: ДЗС)

    Екипи од Клиниката за пулмологија и алергологија на 24 и 25 септември ќе вршат скриниг за населението во скопско Трубарево, поради пожарот кој на 13 септември избувна во рециклаторниот центар на „Ф-групација“.

    „Скринингот ќе го вршат две екипи од Клиника за пулмологија со две амбулантни возила. Прегледите се наменети за сите заинтересирани од Трубарево и од околните населени места, а особено за лицата кои чувствуваат потешкотии при дишењето или имаат симптоми кои укажуваат на заболувања на дишните патишта“, рече денеска министерот за здравство Азир Алиу.

    Предвидено е скринингот да опфати комплетен клинички преглед, спирометрија, ЕКГ и други потребни прегледи.

    „Нашата цел е да обезбедиме врвна здравствена грижа за сите граѓани. Доколку се појави потреба од дополнителни испитувања, тие ќе бидат извршени на лице место или пациентите ќе бидат упатени на Клиниката за пулмологија. Со оваа акција се овозможува навремено детектирање евентуални симптоми кај населението, со цел обезбедување на потребната здравствена заштита“’, рече министерот.

    Сѐ уште не знае што горело во моментот на пожарот.

    „Станува збор за отпад на електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, литиум-јонски батерии од апарати и возила, како и секаков електронски отпад. Согласно дозволата, субјектот има право да складира и да третира до 20 тона дневно неопасен отпад и 500 килограми опасен отпад во текот на 24 часа. Во моментот на пожарот немаме точна информација која количина на отпад е, каков отпад е, претпоставуваме од електрична и од електронска природа, но количината на отпад во моментот не ја знаеме“, рече Игор Никоски, директор на Управата за животна средина на 15 септември.

    На 18 септември Основното јавно обвинителство Скопје почна истрага против четири лица и едно правно лице за пожарот во Трубарево, а за едно лице е побаран притвор. Тие се товарат за кривичното дело Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

    Како што соопштија од Обвинителството, првоосомничениот формално не бил запишан како управител на правниот субјект во кој непрописно се складирал отпадот, но реално настапувал и преземал правни дејствија во односите со трети лица. Формално, управителка била неговата 26-годишна ќерка.

    „Како управител на друго правно лице, тој го избирал правниот субјект каде формален управител била неговата ќерка како мнозински коминтент за складирање на отпад, го организирал целокупното работење и ги извршувал одлуките околу работењето, а оттука имал и обврска да се грижи за законитоста на работењето на друштвото и подружницата за рециклирање. Затоа, во истрагата се опфатени тој и неговата ќерка, како соизвршители кои постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на прописите за заштита на животната средина вршеле повеќекратно оставање, фрлање, собирање и транспортирање на една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска и електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад. Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и воздухот односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери“, велат од Обвинителството.

    Третиот осомничен е овластено лице, раководител на подружница, кој постапувал по насоките на првиот осомничен и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирањето и обработката на електричниот отпад.

    Четвртиот осомничен, иако немал формален акт за засновање на работен однос во фирмата сепак преземал дејствија со кои го организирал понатамошното одлагање на електронскиот отпад. Тој го примал, складирал, сортирал и механички обработувал и електричниот отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.

    „На 13 септември, објектот со непрописно складиран отпад се запалил. Поради обемот и опасноста, пожарот не можел да се стави под контрола и зафатил најголем дел од складираниот електричен отпад како и објектите на подружницата за рециклирање. Согорувањето предизвикало масовно испуштање чад, пепел и гасови во амбиенталниот воздух. Како последица на тоа, со извршените мерења на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата и на Државниот инспекторат за животна средина утврдена е висока загаденост“, се вели во соопштението на Обвинителството.

    Од Обвинителството велат дека се испитува потенцијална одговорност и на други лица, а јавниот обвинител издава наредби за обезбедување докази по кои постапуваат надлежните органи.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира