Доналд Трамп се пофали дека запрел седум војни откако се врати во Белата куќа во јануари, одржувајќи го првиот говор во Обединетите нации од 2020 година. Тој кажа дека со негова помош биле завршени војните помеѓу Камбоџа и Тајланд, Косово и Србија, Пакистан и Индија, Израел и Иран, Египет и Етиопија, Ерменија и Азербејџан и помеѓу Руанда и Демократска Република Конго.
„Луѓето ми кажуваа дека не може да се стави крај на овие конфликти. Ниеден претседател никогаш не направил ништо приближно на тоа. Обединетите нации не се ни обидоа да помогнат во ниту еден од нив“, кажа Трамп.
Тој продолжи да ги критикува ОН, велејќи дека од нив добил само лош лифт и расипан телесуфлер.
„Обединетите нации не беа со нас на преговорите. Која е целта на Обединетите нации? Не се ни блиску до остварување на својот потенцијал. Тоа се празни зборови, а празните зборови не решаваат војни“, кажа Трамп.
Тој истакна дека нуклеарното оружје е најсериозната опасност на светот денес и порача дека на Иран не смее да му се дозволи да го има.
Се осврна и на други актуелни теми, па кажа дека признавањето на палестинската држава е награда за Хамас и дека ќе воведе многу моќни царини за Русија ако не прифати договор за крај на војната во Украина, додавајќи дека и европските земји мора да го направат истото.
Ги обвини Обединетите нации дека финансираат напад врз западните земји и нивните граници, олеснувајќи ги инвазиите од мигранти.
„Време е да се стави крај на неуспешниот експеримент со отворени граници. Вашите земји одат по ѓаволите. Речиси 50% од затворениците во германските затвори се странски државјани, 53% во Австрија, 54% во Грција, 72% во прекрасната Швајцарија. Европа е во сериозна неволја. Имате наплив од нелегални странци и не преземате апсолутно ништо во врска со тоа само за да бидете политички коректни“, рече Трамп.
За климатските промени кажа дека се најголемата измама што некогаш била направена во светот.
„Нема веќе глобално затоплување, нема веќе глобално ладење. Сите предвидувања за климатските промени направени од ОН и други беа погрешни и направени од глупави луѓе. Бегајте од зелената измама или вашата земја ќе пропадне“, рече тој на крајот на својот речиси едночасовен говор.