Министерот за здравство Азир Алиу најави дека отсега два пати годишно ќе се ставаат лекови на позитивната листа.
Позитивната листа на лекови, односно лекови на товар на Фондот за здравствено осигирување (ФЗОМ) последен пат беше ревидирана лани во август, откако претходноо 13 години не беше обновена. Лани на листата на позитивни лекови беа додадени 9 нови генерици, а тоа се 87 лекови во различни имиња и форми. Помеѓу нив, опфатени се лекови за висок притисок, срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија, како и за деменција
Алиу денеска промовираше нов информациски електронски модул „Систем за евиденција и управување со барањата за Листата на лекови”, со кој за првпат се отпочнува со дигитализација на постапката за ставање на нов лек на позитивна листа.
„Модулот е изработен од Управата за електронско здравство, во соработка со Секторот за фармација во Министерството за здравство, а ќе биде јавно достапен на интернет страницата на Министерството за здравство (www.lekovi.zdravstvo.gov.mk) и во функција ќе биде веднаш откако ќе стапат во сила измените на прописот со кој се уредува оваа постапка и кој се очекува деновиве да се објави во Службен весник.
Модулот овозможува електронско поднесување на барањата и внесување на неопходната документација за лекот во системот, кои што досега се доставуваа исклучиво во хартиена форма. Станува збор за прва електронска евиденција и управување со барањата за Листата на лекови во националниот систем, со што се овозможува и транспарентност на процесот преку достапен јавен портал и следење на одделните процеси и на напредокот на постапката во реално време“, рече Алиу.
На новинарски прашања кога конкретно ќе има нови лекови на позитивната листа, рече дека еден од начините да имаме нов лек на позитивната листа е да се оптимизира процесот и процедурите за тој лек да биде на позитвната листа .
„Ве уверувам дека отсега понатаму два пати годишно листата ќе биде ревидирана и ќе имаме нови лекови во таа листа. Веќе имаме прв чекор, имаме систем и на самиот систем веќе транспарентно ќе ги знаете датумите кога ќе имаат состаноци колегите од Комисијата и кога ќе имаме нова листа. Ви најавувам дека при крај е една од процедурите и се надевам дека брзо ќе имаме ревидирање на таа листа“, кажа Алиу.
Лековите што лани се најдоа на позитивната листа се со генеричко име Prasugrel и Ticagrelor (за крвни болести и против згрутчување на крвта), Nebivolol, Perindopril, Valsartan и Fenofibrate за висок крвен притисок и Escitalopram, Mementine и Duloxetine за третман на депресија и деменција. Која било доза од деветте генерички лекови од кој било производител, за пациентите ја покрива Фондот за здравство.
Б. НЕСТОРОСКА