Жена чие тело беше пронајдено во Шпанија пред 20 години е идентификувана преку меѓународна полициска кампања. Таа денеска беше именувана како 31-годишната руска државјанка Људмила Завада.
Таа е третата личност идентификувана преку иницијативата „Идентификувај ме“, што европските полиции ја покренаа во 2023 за да се открие идентитетот на жени кои биле убиени или починале во мистериозни околности во Европа.
„По 20 години, на оваа непозната жена ѝ го вративме нејзиното име“, изјави Валдеси Уркиса, генералниот секретар на Интерпол, кој ја предводи кампањата.
Телото на Завада беше пронајдено во јули 2005 покрај пат во покраината Барселона. Полицијата ја означи како „жена во розево“ бидејќи цела беше облечена во розево. Нејзината смрт беше окарактеризирана како сомнителна, зашто доказите покажале дека телото било преместено 12 часа пред да биде пронајдено. Истражителите досега не успеваа да ја идентификуваат.
Порано оваа година, турската полиција ги провери отпечатоците од прсти низ националната база на податоци, откривајќи го идентитетот на Завада. Потоа било утврдено ДНК совпаѓање со близок роднина во Русија.
Полицијата се обидува да го открие идентитетот на уште 44 жени пронајдени мртви во Холандија, Германија, Белгија, Франција, Италија и Шпанија. Поголемиот дел од нив биле убиени и се верува дека биле на возраст меѓу 15 и 30 години.