Пет од шесте пријавени кандидати за градоначалник на претстојните локални избори денеска во зградата на Општина Тетово го потпишаа Кодексот за фер демократски избори со што се обврзаа дела во предизборната кампања ќе ги почитуваат сите закони и прописи, ќе го почитуваат владеењето на правото при организирање и спроведување на изборите, дека нема да вршат никаков притисок врз вработените во јавната администрација и во другите институции и установи, како и врз вработените во трговски друштва со државен капитал.
Исто така, се обврзаа дека во предизборниот процес нема да користат говор на омраза и дека нема да вршат дискриминација по ниту еден основ.
Откако претседателот на Општинската изборна комисија Зуќуфли Реџепи го прочита Кодексот за фер и демократски избори, истиот го потпишаа кандидатите за градоначалници од пет политички партии и коалиции: Самка Ибраимовски, од коалицијата „Искуство за успех“ на партиите „Либерално-демократска партија“ (ЛДП), „Граѓанска опција за Македонија“ (ГРОМ), „Интегра-македонска конзервативна партија“ и „Партијата за целосна еманципација на Ромите“, Бајрам Реџепи од коалицијата „Национална алијанса за интеграција (НАИ), Билал Касами од коалицијата „Вреди“ кој е актуелен градоначалник на Општина Тетово и кој ќе се бори за втор мандат, Стевица Сарковски од „ВМРО-Народна партија“ и Изет Зејнеловиќ од партијата „Демократи“, додека кандидатот на „Левица“ Катка Божиновска не присуствуваше на потпишувањето на Декларацијата за фер избори.
По потпишувањето на Кодексот петмината кандидати за градоначалник заминаа во блиското кафуле каде заедно се напија кафе.
Првиот круг од локалните избори ќе се одржи на 19 октомври.
З. АНДОНОВ