УАПСЕНИТЕ БУГАРСКИ ИНСПЕКТОРИ ПРЕКУ „ГУГЛ ПРЕВЕДУВАЧ“ БАРАЛЕ МИТО ОД ТИМОТ НА РОБИ ВИЛИЈАМС, ВО НИВНИТЕ ДОМОВИ ПРОНАЈДЕНИ 43.000 ЕВРА

    УАПСЕНИТЕ БУГАРСКИ ИНСПЕКТОРИ ПРЕКУ „ГУГЛ ПРЕВЕДУВАЧ“ БАРАЛЕ МИТО ОД ТИМОТ НА РОБИ ВИЛИЈАМС, ВО НИВНИТЕ ДОМОВИ ПРОНАЈДЕНИ 43.000 ЕВРАИнспекторите барале мито од британските возачи на камиони кои превезувале опрема за концертот на Вилијамс во Софија (Фото: СДК.МК)

    Околу 43.000 евра биле пронајдени во канцелариите и домовите на двајцата инспектори на бугарската извршна агенција „Автомобилска управа“, кои беа уапсени поради барање мито од тимот на Роби Вилијамс пред неговиот концерт во Софија во неделата.

    Тие се обвинети за корупција откако биле фатени како бараат мито од британските возачи на камиони кои превезувале опрема за концертот на Вилијамс. Бугарските власти кажаа дека тие комуницирале со возачите преку „Гугл преведувач“ (Google Translate).

    „Преку апликацијата ‘Гугл преведувач‘ тие побарале мито од возачи на камиони кои превезувале опрема за концертот на Роби Вилијамс во Софија. Со одлука на Обвинителството на град Софија, против двајцата инспектори на извршната агенција ‘Автомобилска управа‘ е поведена кривична постапка“, објави Обвинителството.

    Меѓу казните предвидени за ова кривично дело е затвор до шест години.

    Според истражителите, двајцата обвинети на влезот во Софија побарале и прифатиле вкупно 500 евра од странски возачи на камиони за да избегнат издавање административни прекршочни казни. Обвинителите кажаа дека двајца од возачите платиле по 100 евра, додека од друг возач биле изнудени 300 евра. По пријава од организаторот на концертот и со вклучување на британската амбасада, двајцата инспектори биле приведени.

    При претреси на автомобили, канцелариски простории и домови на инспекторите, пронајдени се кутии цигари со скриени банкноти, а во домот на еден од нив е пронајдена голема сума пари. Вкупно се пронајдени околу 43.000 евра и над 5.000 лева.

    „Ова се практики наследени од минатото, навики несоодветни со нашата нова политика. Дејствувавме брзо и решително. Случајот беше пријавен во четвртокот, а до петокот двајцата службеници веќе беа приведени“, изјави министерот за транспорт Гроздан Караџов.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира