Американската влада од денеска е во блокада откако Сенатот, во кој Републиканците имаат мнозинство, не успеа да изгласа закон за нејзино финансирање, со кој тоа би се продолжило привремено до 21 ноември. Ова последен пат се случи во првиот мандат на Доналд Трамп во декември 2018, кога владата не работеше 35 дена, најмногу во американската историја.
Блокада на владата значи замрзнување на сите нејзини несуштински активности и програми, при што стотици илјади федерални службеници сега се соочуваат со неплатено отсуство или отказ.
Нема јасен пат за излез од ќор-сокакот. Агенциите предупредуваат дека 15. затворање на владата од 1981 ќе го спречи објавувањето на внимателно следениот извештај за вработеност во септември, ќе го забави воздушниот сообраќај, ќе ги суспендира научните истражувања, ќе ги закочи платите на американските војници и ќе доведе до отпуштање на 750.000 федерални работници со дневен трошок од 400 милиони долари.
Републиканците држат 53 места во Сенатот, но за изгласување закон за буџетот се потребни 60 гласови и Демократите го искористија тоа за да бараат продолжување на здравствените бенефиции за милиони Американци, што треба да истечат на крајот на годината. Републиканците сметаа дека ова прашање треба одделно да се решава. Доналд Трамп ги предупреди демократските конгресмени дека блокадата може да доведе до „неповратни и лоши“ работи.
Независните аналитичари сметаат дека затворањето на владата би можело да трае подолго од оние во минатото, при што Трамп и претставниците на Белата куќа се заканија дека ќе ги казнат демократите со намалување на владините програми и федералните плати.