Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на трибина „Иднина за Кочани“ на која беа промовирани кандидатот за градоначалник и носителот на листа на советници од партијата, кажа дека на овие локални избори „ќе победи Кочани, односно ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата“.
На 16 март, во катастрофалниот пожар во дивата кочанска дискотека „Пулс“ загинаа 62 главно млади лица, а над 200 беа повредени. Тогашниот градоначалник Љупчо Папазов од ВМРО-ДПМНЕ си даде оставка на 17 март и е еден од 34-те физички лица обвинети за пожарот, кои се товарат за Тешки дела против општата сигурност.
Мицкоски кажа дека во Кочани тој и ВМРО-ДПМНЕ, како и Владата, можат да одат со гордо кренати глави, зашто се горди на тоа што го направиле за градот и општината овие 15 месеци.
„Во Кочани слободно можеме да одиме со крената глава и да кажеме што сè сме направиле овие 15 месеци како Влада во Македонија, да ги погледаме сите во очи и да кажеме што ќе направиме следниот период. И како Влада, и како градоначалник и мнозинство во Советот на општина Кочани. Тоа е впрочем целта на едни локални избори“, рече Мицкоски.
Додека зборуваше, Мицкоски беше поздравуван со аплаузи во салата.
Рече дека Кочани ќе биде во центарот на вниманието. Само за овој град и за регионот од централниот буџет ќе бидат дадени дополнителни 100 милиони евра за инфраструктурни проекти. Додаде дека за 15 месеци од Буџетот биле распределени околу половина милијарди евра исклучиво во инфраструктурни проекти.
Премиерот кажа многу лоши зборови за опозицијата, а се жалеше дека таа водела црна кампања и оти многу ги мразат државата, а потоа и ВМРО-ДПМНЕ. Рече дека на овие избори има две опции, од кои едната е на неговата партија и таа е за просперитет.
„Другата коалиција е формирана врз непринципиелна основа, врз основа на омраза која е насочена пред сè кон Македонија, а потоа и кон ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата“, смета Мицкоски.
Левица ја нарече антимакедонска структура. Долго време зборуваше за црнила и напади кон ВМРО-ДПМНЕ од опозицијата и како сите нив ги мразат.
Мицкоски рече и дека после изборите ќе дојде вистинската одговорност и правда и дека секој што се огрешил ќе одговара за направеното.
„…Сите овие судии и обвинители ќе ги смениме, само да не биде после пискотници и плачења дека биле политички притисок…“, рече Мицкоски.
На крајот, Мицкоски повтори колку му било тешко утрото пред три часот кога го разбудиле соработниците и му кажале за трагедијата по катастрофалниот пожар во клубот „Пулс“.
„Некои изгубија сè и јас жалам што тоа се случи, но ние направивме сè што можевме за да спасиме и други да не загубат сè. Се надевам дека виновниците, ќе сторам сè што можам и што е во моја моќ, виновниците за тоа тогаш се случи ќе бидат изведени пред лицето на правдата и ќе ја добијат заслужената казна, а ние како држава и како Влада ќе сториме се за тоа да не се повтори, затоа што тоа се можеби и најтешките часови во современата историја на Македонија како држава. Затоа нека почиваат во мир, а ние што сме на земјата ќе сториме сè за споменот за нив да биде вечен“, рече Мицкоски.
Владко Грозданов е кандидатот за градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ. Има и двајца независни кандидати, актуелниот в. д. градоначалник Венко Крстевски и економистот и граѓански активист Зоран Тодоров. Во Кочани се поднесени и две листи со независни кандидати за советници во општинскиот Совет, од Благица Сабовљевиќ-Стојменова и од Аки Акиов кој е актуелен советник.
Локалните избори ќе се одржат на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.
С. К. ДЕЛЕВСКА