Депонијата со гипс кај селото Згрополци, Велешко е тешка најмалку два милиона тони и е една од 16 црни точки во Македонија. Таа е резултат на работата на фабриката за вештачко ѓубре „Хемиската индустрија Велес“ затворена во 2003, нуспродукт од производниот процес. Екологистите бараат да се дислоцира депонијата, која стои 22 години и никој не се грижи за неа.
„Како што е опасна згурата од Топилницата, таква и оваа депонија на ‘Хемиската индустрија Велес’. Затоа е потребно да се дислоцира. Таа е исто така загадувач, преку вода, преку ветер, во околината има и села. Трeба да биде правилно отстранета, простoрот да биде исчистен, а околината незагадена“, вели Иванка Андова од Друштвото на родители за грижа за здраво поколение.
Стручњаците велат дека таа може да се искористи за добивање нови производи и на тој начин да се отстрани материјата која зафаќа површина од 70 илјади метри квадратни, односно помалку од еден хектар. Стручните лица работат на проект за експлоатација. Преку проектот „Фајтерс“ финансиран од ЕУ, Градежниот институт на Македонија заедно со уште 25 европски партнери работи на можна реупотреба на одложениот гипс, преку циркуларна економија да се добијат нови производи кои ќе имаат примена и на тој начин депонијата низ годините да се искористи и исчезне.

Стручњаците велат дека таа може да се искористи за добивање нови производи и на тој начин да се отстрани материјата која зафаќа површина од 70 илјади метри квадратни, односно помалку од еден хектар. (Фото: СДК.МК)
„Составот на депонијата во најголем дел е калциум сулфат, или природен гипс. Нашите пресметки се дека има околу два милиона тона. Целта на проектот ‘Фајтерс’ е да се направат лабараториски истражувања, и материјалот да може да биде употребуван. Може да се користи за производство на детергенти, на хартија, може да се користи во цементната индустрија, додаток во вештачки ѓубрива. Нашата цел не е да се земе отпадот и да се донесе на друго место, туку за можна реупотреба“, вели Златко Илијоски геолог од Градежниот институт на Македонија.
Депонијата е формирана во текот на работата на „Хемиската индустрија Велес“ во перидот 1977-2003. Лоцирана е на 12 км југоисточно од Велес, 10 км северозападно од Градско и три км јужно од фабриката. За потребите на фабриката и производниот процес, носени се руди од Блискиот Исток, Египет, Јордан. Тоа биле фосфатни руди, се користеле за добивање вештачко ѓубриво, фосфорот се екстрахирал, а гипсот бил нуспроизвод и одлаган е на блискиот рид.
„Освен гипс, депонијата содржи различни метали и одредена радиоактивност. Штетноста се манфиестира преку врнежи, водата која ја испира депонијата се слева во реката Вардар, која е на 500 метри од неа. Има мала природна брана за да не се излева, но можност постои. Ризичен момент е и прашината која преку ветер може да се разнесува и тоа во далечина до неколку километри“, врли Илијоски.
Во согласност со Правилникот за максимално дозволени количини на радионуклеиди во метали, стручните лица од Лабараторијата за радиоекологија при Институтот за јавно здравје во Скопје процениле дека ниските вредности на присутните радиоактивни елементи го прават фосфор гипсот погоден за користење како градежен материјал без ограничување.
Вакви депонии има уште две на Балканот, во Кутина во Хрватска и во Прахово, Србија и три во Европа, во Португалија, Италија и Полска. Депонијата во Бареиро, Португалија и велешката фабрика се вклучени во овој проект за реупотреба на гипсот.
П. ПЕЧКОВ