ДАРИО ИВАНОВСКИ И КЕНИЈКАТА ИРИНЕ ЏЕРУТО ПОБЕДИЈА НА 21. СКОПСКИ МАРАТОН

    ДАРИО ИВАНОВСКИ И КЕНИЈКАТА ИРИНЕ ЏЕРУТО ПОБЕДИЈА НА 21. СКОПСКИ МАРАТОНЗа Ивановски ова е втора победа на Скопскиот маратон, по успехот во 2021 година. Џеруто победи лани во женска конкуренција. (Фото: К. Попов)

    Најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски во машка и Кенијката Ирине Џеруто во женска конкуренција победија на годинашниот 21. Скопски маратон. Годинава имаше рекорден број пријавени, над 14.000 тркачи од 58 земји низ светот.

    Ивановски патеката долга 42 километри ја истрча за 2:14:50 часа, додека Џеруто истата траса ја помина за 2:38:31 часа. Ивановски до победата дојде во завршните два километри кога го остави зад себе Кениецот Џулиус Кипкоеч, кој долго време водеше во трката. За Ивановски ова е втора победа на Скопскиот маратон, по успехот во 2021 година. Џеруто победи и лани во женска конкуренција.

    Годинава имаше рекорден број пријавени, над 14.000 тркачи од 58 земји низ светот. (Фото: К. Попов)

    Во машка конкуренција на второ место заврши Кениецот Џулиус Кипкоеч, а на третата позиција беше Давити Карашвили од Грузија, кој патеката ја помина за 2:19:59 часа. Во женска конкуренција второто место ѝ припадна на Маринела Нинева од Бугарија која патеката ја истрча за 2:45:36 часа, а трета беше Ана Јусупова од Азербејџан со време 2:48:10 часа.

    Во полумаратонската трка најбрзо време истрчаа Косовците Албион Имери во машка и Греса Бакрачи во женска конкуренција. Имери патеката ја истрча за 1:07:57 часа, а зад него беа македонските натпреварувачи Иван Пешовски на второто место со време од 1:11:30 часа и Александар Арсов на третата позиција кој истрача за 1:12:52 часа.

    Во женска конкуренција, на втора е  Теа Божиновска со време од личен рекорд 1:21:10, а трета е  Милјана Ристиќ-Стојчевска.

    Во најмасовната трка на пет километри, на која на стартот се појавија околу 10.000 учесници, победија Григоријан Никовски и Ирма Хајдари.

    (Фото: К. Попов)

    Во штафетниот маратон – ЕУ за спорт,  во машка конкуренција победи екипата „Врањски маратонци“ со време со 2:26:34 часа.

    За првпат и Собранието настапи како организиран тим, под мотото „Собрание за граѓаните – трчаме заедно“. 64 пратеници и службеници од Собранието трчаа во полумаратон со 6 тркачи, штафета со две екипи и 50 тркачи на 5 километри. (Фото: Собрание на РСМ)

    „Ова е голем ден за македонската атлетика. Победата на Дарио Ивановски е резултат на неговата посветеност и дисциплина, но и инспирација за младите тркачи кои сонуваат еден ден да стојат на подиумот на Скопскиот маратон. Благодарност до волонтерите, кои со својот труд придонесоа годинашниот Виз Ер Скопски маратон да биде одлично организиран и да помине во најдобар можен ред“, изјави Кире Синадиновски, спортски директор на Скопскиот маратон.

    Главен покровител на годинашното издание е Министерството за спорт, а покровител е Канцеларијата на Европската Унија во Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира