Доналд Трамп изјави дека преговорите за крај на војната во Газа и ослободување на заложниците напредуваат брзо, додека денеска во Египет треба да продолжат индиректните разговори помеѓу Израел и Хамас.
„Разговорите досега беа многу успешни и напредуваат брзо. Техничките тимови повторно ќе се сретнат денеска во Каиро за да ги разјаснат и разработат последните детали. Ми кажаа дека првата фаза би требала да биде довршена оваа недела и барам од сите да се движат брзо“, порача Трамп преку социјалните мрежи.
Разговорите во Каиро следуваат откако Хамас викендов прифати некои делови од мировниот план од 20 точки на Трамп, вклучувајќи ослободување на заложниците и формирање палестинска технократска влада во Газа. Сепак, групата побара дополнително да се преговара за некои точки и не го спомна разоружувањето.
„Времето е од суштинско значење или ќе следи големо крвопролевање. Верувам дека ослободувањето на заложниците ќе почне многу скоро“, кажа Трамп.
Запрашан за флексибилноста на неговиот мировен план, тој одговори:
„Не ни треба флексибилност зашто сите во голема мера се согласија со планот, но секогаш може да има некои промени. Ова е одличен договор за Израел, целиот арапски и муслимански свет и за целиот свет“.
Во меѓувреме продолжија израелските воздушни напади во Газа, иако Трамп му кажа на Израел да запре со бомбардирањата. Портпаролот на израелската влада потврди дека засега нема прекин на огнот во Газа.
Планот на Трамп предлага итен прекин на борбите, постепено повлекување на израелската војска од Газа и ослободување на 48-темина заложници, од кои само 20 се живи, во замена за стотици притворени жители на Газа. Израелскиот премиер Нетанјаху во саботата изјави дека се надева дека ќе го објави ослободувањето на заложниците во наредните денови.
„Многу брзо ќе знаеме дали Хамас е сериозен или не, според тоа како ќе се одвиваат овие технички разговори“, изјави државниот секретар на САД, Марко Рубио.
Делегацијата на Хамас ќе ја предводи Халил ал-Хаја, кого Израел се обиде да го убие во Катар минатиот месец, додека во американскиот тим ќе бидат Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.