Грета Тунберг изјави дека таа и други приведени членови на хуманитарната флотила „Сумуд“ биле киднапирани и мачени од израелската војска во затворот. Таа одби да изнесе детали, освен што кажа дека не добиле чиста вода, а на други притвореници не им биле дадени важни лекови.
„Лично, не сакам да споделувам на што бев подложена, не сакам наслови дека Грета била мачена, оти тоа не е приказната овдека. Сепак, тоа не беше ништо во споредба со она на што секојдневно се изложени луѓето во Газа“, кажа Тунберг на прес-конференција во Стокхолм.
Флотилата се состоеше од повеќе од 40 цивилни бродови со 478 патници од разни националности, меѓу кои имаше парламентарци, адвокати, новинари и активисти. Таа се обидуваше да ја пробие 16-годишната поморска блокада на Газа и да достави симболична количина храна и лекови. Сепак, сите бродови беа пресретнати од израелската морнарица пред да стигнат до територијалните води на Газа, а учениците беа приведени и подоцна депортирани.
Израелското министерство за надворешни работи негираше дека членовите на флотилата немале добар третман.
„Сите притвореници имаа пристап до вода, храна и тоалети, не им беше одбиен пристап до правен советник и сите нивни законски права беа целосно почитувани“, изјави министерството минатата недела.
„Сумуд“ го обвини Израел дека ја киднапирал хуманитарната флота, дека бродовите незаконски биле пресретнати, а учесниците биле одведени против нивна волја.
„Израелската војска нема законска надлежност над меѓународните води. Нашата флотила не претставуваше никаква опасност“, соопшти „Сумуд“.
Оттаму кажаа дека бродовите превезувале лекови, респираторна опрема и прехранбени залихи наменети за болниците во Газа во вредност од над 110.000 долари.