Данската влада сака да забрани неколку социјални мрежи за децата под 15 години, објави премиерката Мете Фредериксен.
„Мобилните телефони и социјалните мрежи им го крадат детството на нашите деца. Ослободивме чудовиште“, рече Фредериксен.
Таа истакна дека речиси сите дански ученици од седмо одделение, каде што учениците обично имаат 13 или 14 години, поседуваат мобилен телефон.
„Се надевам дека парламентот ќе помогне да се заостри законот за подобро да се грижиме за нашите деца во Данска“, додаде таа.
Сепак, Фредериксен не даде дополнителни детали што би подразбирала таквата забрана, ниту пак ваков предлог-закон се појавува во законодавната програма на владата за претстојната парламентарна година.
Иницијативата на данските граѓани од минатата година, која собра 50.000 потписи, повика на забрана на ТикТок, Снепчет и Инстаграм.