МОЈАТА СОПРУГА НЕ Е ВМЕШАНА ВО ПУКАЊЕТО, РЕЧЕ Д-Р ЗЕКИРИЈА ШАИНИ, НОСИТЕЛ НА ЛИСТА НА ДУИ КОЈ БЕШЕ РАНЕТ СРЕДЕ КУМАНОВО

    МОЈАТА СОПРУГА НЕ Е ВМЕШАНА ВО ПУКАЊЕТО, РЕЧЕ Д-Р ЗЕКИРИЈА ШАИНИ, НОСИТЕЛ НА ЛИСТА НА ДУИ КОЈ БЕШЕ РАНЕТ СРЕДЕ КУМАНОВОНа прес-конференцијата во Куманово кажа дека нема информација и сознанија за „мотивите за атентатот“ и е подготвен за соработка за целосна разрешница на случајот. (Фото: МИА)

    Докторот Зекирија Шаини,  носител на советничката листа на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во Општина Липково на претстојните Локални избори, во кого беше пукано на 7 октомври во Куманово, денеска рече дека се неосновани и невистинити тврдењата оти зад случајот стои неговата сопруга Арјета Адили и побара од истражните органи итно да ја расчистат ситуацијата и да го откријат вистинскиот осомничен за случајот.

    Ден по пукањето, МВР соошти дека е приведена неговата 43-годишна сопруга.

    Д-р Шаини, кој е вработен на скопската Клиника за пулмологија,  прво беше пренесен на лекување на Скопските клиники, а вчера беше пуштен дома.

    На прес-конференцијаа во Куманово кажа дека нема информација и сознанија за „мотивите за атентатот“ и е подготвен за соработка за целосна разрешница на случајот.

    Шаини беше застрелан на улицата „Димитрија Туцаковиќ“ во центарот на Куманово на 7 октомври околу 14 часот. Тој рече дека по информациите пренесени од органите, преку социјалните мрежи и медиуми, чувствува морална и професионална обврска, јавно да реагира и да ја информира јавноста.

    Шаини рече дека како што претходно објавил на социјалниет мрежи и по неговата првична изјава пред истражните органи дека нема нерасчистени сметки со никого, никому не го загрозил животот, приватност или нешто друго.

    „Целосно ги отфрлам како неосновани и невистинити тврдењата дека зад ова стои госпоѓата Арјета Адили, затоа барам од истражните органи под итно да ја објаснат ситуацијата со мојата сопруга која е вмешана во овој случај од нивна страна, почитувајќи ја нашата семејна приватност, а посебно имиџот на г-ѓата Ајдини. Овој случај за жал се претставува со јасна намера за дискредитација на мене и моето семејство како и за создавање збунетост и заблуда во јавноста. Барам од истражните органи, на редот, апелирам до нив да се зафатат со откривање на вистинскиот осомничен за случајот, а не настанот да го прикажат како семејна расправија или недоразбирање, бидејќи доколку навистина ќе беше така како што се претставува во јавноста, јас никогаш не би продолжил да живеам заедно со мојата госпоѓа. Фала му на Бога, мојата госпоѓа заедно со нашите ќерки се живи и здрави во мојот дом во село Слупчане. Апелирам до политичките субјекти, да не брзаат со изјави да не го користат овој случај за политички поени, особено во овие моменти на кампања за локалните избори“, рече Шаини.

    Од Обвинителството денеска соопштија дека е доставена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Куманово за загрозување на сигурноста против едно лице, како и за поттикнување при извршувањето на тоа дело против поранешната сопруга на оштетениот.

    „Пријавата се однесува на претходно испратени заканувачки пораки и закани, додека индициите за евентуална инволвираност на овие осомничени, но и на други лица во инцидентот со пукањето сè уште се проверуваат. Надлежен јавен обвинител постапува по пријавите и презема дејствија.  Индициите за евентуална инволвираност на овие осомничени, но и на други лица во инцидентот со пукањето сè уште се проверуваат“, додаваат од  Обвинителството.

    Одговарајќи на новинарски прашања за кривична пријава против сопругата која му испраќала заканувачки пораки, Шаини рече дека сè што имал прочитал и кажал и повтори дека стои на располагање на ОЈО, МВР, судот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира