Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска по повод Денот на народното востание – 11 Октомври, се сретна со претставници на Сојузот на борци од НОАВМ, и рече дека аманетот од народноослободителната борба не е целосно исполнет и дека борбата за подобро општество мора да продолжи.
На средбата, на која присуствуваа директни потомци на народни херои и првоборци, Филипче кажа и дека македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна на историјата, борејќи се за слобода и правда.
„Имавме одлична средба денеска со претставници од Сојузот на борци, секој еден од нив – директни потомци на народни херои, првоборци, луѓето коишто со крв се вградија во темелите на оваа држава, кои што покажаа со дела и со борба дека Македонија ја сакаат повеќе од сè“, изјави Филипче.
Претседателот на СДСМ вели дека сега е потребно да се постигне национален консензус за борба против, како што рече, најголемите непријатели на денешнината.
„Треба уште многу да работиме напорно, да ја зајакнеме оваа држава, да го завршиме евроинтегративниот пат, за Македонија да биде убаво место за живеење во кое што младите ќе ја гледаат иднината. Да го најдеме начинот да постигнеме национален консензус и да се бориме против најголемите непријатели на денешнината, а тоа се корупцијата, партизацијата и сиромаштијата“, рече Филипче.