ПОЧНУВА ЗЛАТНА ДОБА ЗА ИЗРАЕЛ И БЛИСКИ ИСТОК, КАЖА ТРАМП ВО ИЗРАЕЛСКИОТ ПАРЛАМЕНТ

    ПОЧНУВА ЗЛАТНА ДОБА ЗА ИЗРАЕЛ И БЛИСКИ ИСТОК, КАЖА ТРАМП ВО ИЗРАЕЛСКИОТ ПАРЛАМЕНТТрамп е првиот американски претседател кој одржал говор во Кнесет од Џорџ Буш во 2008 (Фото: АП)

    Ова е историски почеток за еден нов Блиски Исток, кажа Доналд Трамп во своето обраќање во израелскиот парламент, пристигнувајќи во Израел утрово додека Хамас ги ослободуваше преостанатите живи заложници.

    Трамп е првиот американски претседател кој одржал говор во Кнесет од Џорџ Буш во 2008 и беше пречекан со бурни аплаузи и стоечки овации. Тој потоа ќе патува за Египет за да учествува на меѓународен мировен самит, каде што треба да се финализира договорот за крај на војната во Газа.

    „Се собравме на овој ден на длабока радост и растечка надеж. По две ужасни години во темнина и заробеништво, 20 храбри заложници се враќаат во прегратката на своите семејства. Оружјата молчат. Регионот сега е во мир и се надевам дека ќе остане така засекогаш“, рече Трамп.

    Неговиот говор накратко беше прекинат додека обезбедувањето отстрануваше двајца опозициски пратеници од салата, кои повикаа на признавање на Палестина.

    „Ова е неверојатен триумф на сите кои работеа заедно. Сега почнува златна доба на Израел, како и на целиот регион“, порача Трамп, додавајќи дека Бенјамин Нетанјаху често му се јавувал за да бара оружје, кое помогнало да се дојде до мир.

    Тој му кажа на Нетанјаху дека светот повторно го сака Израел.

    „Заврши долгата и болна ноќна мора за Израелците и Палестинците. Ова сега е многу возбдуливо време за Израел и целиот Блиски Исток. Силите на хаосот, теророт и пропаста што го мачат регионот со децении сега се ослабени, изолирани и целосно поразени. Поради нас, сите непријатели на цивилизацијата се повлекуваат. Заедно покажавме дека мирот не е само надеж за која можеме да сонуваме, туку реалност врз која можеме да градиме од ден на ден“, рече Трамп.

    Хамас денеска ги ослободи сите 20-мина живи заложници, додека Израел од своите затвори пушти речиси 2.000 Палестинци, од кои 250 служеле долги затворски казни. Иако се очекуваше Хамас да ги предаде и телата на починатите 28 заложници, семејствата се известени дека денеска ќе бидат вратени само четири од нив.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира