„ЕМ-ТИ-ВИ“ ЌЕ ПРЕСТАНЕ ДА СЕ ЕМИТУВА ВО ПОВЕЌЕ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ, АВСТРАЛИЈА И БРАЗИЛ ДО 31 ДЕКЕМВРИ

    „ЕМ-ТИ-ВИ“ ЌЕ ПРЕСТАНЕ ДА СЕ ЕМИТУВА ВО ПОВЕЌЕ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ, АВСТРАЛИЈА И БРАЗИЛ ДО 31 ДЕКЕМВРИ„Ем-Ти-Ви“ почна да се емитува во Европа во 1987 (Фото: Канва)

    Доаѓа крај на една ера за оние кои го поминале своето детство чекајќи ги најновите музички спотови и одбројувањето на топ-листите на „Ем-Ти-Ви“.

    „Парамаунт глобал“ објави дека по 44 години континуирано емитување, оваа културна институција ќе биде трајно затворена до 31 декември 2025. Пет канали ќе бидат исклучени во повеќе земји: „Ем-Ти-Ви мјузик“, „Ем-Ти-Ви 1980-ти“, „Ем-Ти-Ви 1990-ти“, „Клуб Ем-Ти-Ви“ и „Ем-Ти-Ви во живо“. Прво ќе престанат да се емитуваат во Велика Британија и Ирска, пред да се исклучат и во Франција, Германија, Австрија, Полска, Унгарија, Австралија и Бразил.

    Одлуката доаѓа во услови на агресивни мерки за намалување на трошоците на „Парамаунт глобал“, кој ќе се спои со „Скајденс медиа“ оваа година. Освен финансиската реалност, овој потег се прави поради тоа што медиумските навики драматично се променија, па љубителите на музика мигрираат кон дигиталните опции.

    „Ем-Ти-Ви“ започна во САД во 1981 и потоа следеа историски моменти за поп-културата: спотот „Трилер“ на Мајкл Џексон имаше премиера во декември 1983, Дејвид Боуви се залагаше за црните уметници на „Ем-Ти-Ви њуз“, во 1990-тите се појави пионерското реално шоу „Вистинскиот свет“ и други.

    „Ем-Ти-Ви“ почна да се емитува во Европа во 1987. До 2010-тите, традиционалната музичка телевизија стана застарена со подемот на социјалните медиуми и стримингот.

    Брендот на „Ем-Ти-Ви“ ќе продолжи преку дигиталните платформи и препознатливите настани, како што се ВМА и EMA наградите. Сепак, на последниот ден од 2025 , музичката телевизија каква што генерациите ја знаеја повеќе нема да постои.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира