СО ВЛАДАТА НА ДИМИТРИЕВ ШТО НЕ ОДГОВАРА НИКОМУ, НЀ ЧЕКААТ ЦРНИ ДЕНОВИ, ВЕЛИ ПРОФЕСОРОТ БОРЧЕ ДАВИТКОВСКИ

a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Скопје,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

    СО ВЛАДАТА НА ДИМИТРИЕВ ШТО НЕ ОДГОВАРА НИКОМУ, НЀ ЧЕКААТ ЦРНИ ДЕНОВИ, ВЕЛИ ПРОФЕСОРОТ БОРЧЕ ДАВИТКОВСКИ

    Македонија е со блокиран правен, политички и уставен систем, алармира професорот по уставно право и јавна администрација Борче Давитковски. Тој во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК најавува дека со однесувањето на владата на Емил Димитриев, која, вели не одговара никому, граѓаните на Македонија ги чекаат црни денови.

    „Имаме формално техничка влада, а фактички има политичка влада која што работи турбо и која еве секоја недела се задолжува. Оваа влада пред никого не одговара, бидејќи нема Парламент. Тие долгови утре ќе треба некој да ги враќа“, вели професорот Давитковски.

    – Каква штета ќе трпат граѓаните кога ќе се блокира сега и работата на општините и на градоначалниците?
    – Сите политички партии условно што се во Парламентот, очигледно е дека се борат чисто за гола власт. Се борат само кој да ја земат власта, не водат сметка за граѓаните. Срамота е локалните избори да не се распишат. Граѓаните најмногу своите права ги осваруваат преку органите на локалната самоуправа. И уште да немаме локална самоуправа. Како – така, работеа градоначалниците. Тоа ако го нема, едноставно ќе дојде до блокада на целиот политички систем. Не гледам некое светло, некое сценарио како да излеземе од кризава. Зашто еве и ако отидеме на предвремени парламентарни избори, резултатот може да биде ист. Само агонијата ја пролонгираме уште за година дена. А имаме многу интересни комшии, коишто секој на свој начин има многу интересни аспирации кон Македонија. Мислам дека албанскиот дел од Македонија нема да издржи, особено ако не се направи влада и се оди на нови избори. Во тој случај, очигледно дека ние веќе ќе прекинеме со евроатлантските аспирации, и за Европа, и за НАТО. Мислам дека тој дел, тие нема така преќутно да го одлежат и мислам дека ќе реагираат. А ние Македонците ќе останеме практично заложници на партиските врхушки. И многу тешка иднина ни претстои.

    Дали е законски пролонгирањето на локалните избори?
    – Ако се распишеа вчера, ако имаше Собранието претседател, требаше да се одржат во првта половина на мај. Бидејќи нема шанси да се одржат во мај, повторно треба да се вршат измени на Изборниот законик, бидејќи во него е предвидено дека претседателот на Собранието ги распишува локалните избори. Според мене тоа е незаконито, бидејќи се крши Законот за локална самоуправа, каде што е предвидено дека мандатот на градоначалникот и на советниците е 4 години. Ним мандатот им истекува на 22 март годинава. И ова што е пролонгирано, со измена на Изборниот законик во 2014 година за мај 2017 година, е незаконито. Особено што и сега пак ќе се пролонгираат локалните избори. Дали Собранието ќе се конституира, ќе се избере претседател и работни тела, дали ќе се закажат локални избори, дали ќе се се ибере влада, дали ќе може Парламентот да донесе одлука да има и парламентарни избори?… се тоа е хипотетички, зашто човек сега ништо не знае. Но, во секој случај, имаме тотална блокада на правниот, политичкиот и на уставниот систем.

    borce-davitkovski-3232898932

    „Мора под итно да се направи влада. Ако не може поинаку, таа да биде барем техничка за малку да се стабилизира политичката ситуација“, вели професорот Давитковски. (Фото: ТВ21/принтскрин)

    – Како дојде до оваа опасна ситуција? Што ќе се случи со државава?
    – Ние немаме државни органи со мандат. Единствен со мандат беше претседателот на државата Ѓорге Иванов, но со ова давање – недавање на мандатот за нова влада и тука веќе имаме реална криза. Така што, мислам дека Европската Унија најверојатно нема да пишува извештај за Македонија, бидејќи немаме влада. Ако Европа не стави на слеп колосек, ако ги затвори за нас вратите, тоа најдиректно ќе го почувствуваат граѓаните. Ќе ни воведат визен режим, ќе ни го скратат пристапот кон европските фондови, ќе ни ја скратат таа помош што ја примавме. Ќе ни ги скратат парите од Европските банки, така што, мислам дека многу, многу црни денови не чекаат.

    – И на сето ова владата секоја недела се задолжува со милионски кредити?
    – Сега засега се земаат кредити, а тоа се се кредити од домашни банки. Еве вчера земаа 72 милиони евра. Со тоа сега ќе се дадат плати во јавниот сектор, но тоа е само за до 15-ти март. По 15-ти , ќе требаат нови пари. Тоа се се краткорочни емисии, краткорочни кредити, со висока камата. Така што и банките ако откажат, значи ќе застане јавниот сектор, а ако застане јавниот, ќе застане и приватниот сектор, бидејќи приватниот работи и го алиментира јавниот сектор. Во тој случај, според мене, ќе дојде до колапс на државата и во економскиот дел.
    Претпоставка е дека ако не се направи влада, може да излезат и другиве. Овие што заговараат нови избори веќе излегоа на улица, така што, како многу мала држава, овие потреси многу ќе ни се одразат на битисувањето.

    – Професоре, како треба да се реагира сега, што треба да се направи да се спаси државата?
    – Мора под итно да се направи влада. Ако не може поинаку, таа да биде барем техничка. Да добие поддршка од сите политички партии и да земе да работи нешто за кое има мандат. Да се договорат партиите за една година да има избори, малку да се стабилизира политичката ситуација и едноставно да не се мешаат политичките партии во таа технократска влада. Таа технократска влада треба релаксирано да се зафати барем со некои од приоритетните реформи на Рајнхард Прибе што ги имаме и мене што ми е најбитно, да влеземе во колосек. А ако Европа не исфрли од композицијата, едноставно најдиректно граѓаните ќе го почувствуваат тоа:
    нема Европа, нема шетање, визи ќе има и многу наши луѓе што работат во странство, ќе станат персона нон грата и ќе бидат депортирани назад во Македонија. Тоа уште повеќе ќе ја зголеми тензијата, така што час поскоро, некој мора да мисли на народот, на граѓаните, но очигледно во моментов никој на тоа не мисли. Никој не мисли на правата на граѓаните. Сепак, тоа се гласачи. И да гласале за политичка партија, срамота е од партиските врхушки да ги трпат овие непријатни ситуации што ќе ни се случат од Европа.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира