Нискобуџетната холандско-француска компанија „Трансавиа“ ги укинува летовите меѓу Амстердам и Скопје. Последниот лет е закажан за 26 октомври. Летот на „Трансавиа“ од Скопје до Амстердам беше воведен од 2 март годинава.
Компанијата не користеше субвенции од македонскиот државен буџет.
Летот нема да биде обновен ниту со идниот летен ред на летање што почнува на крајот на март 2026.
„‘Трансавија‘ нема да ја оперира линијата Скопјe-Амстердам во претстојната летна сезона. Сепак, ние постојано ја разгледуваме нашата мрежа и ги оценуваме можностите врз основа на побарувачката и оперативните аспекти“, ни одговори портпаролот на „Трансавија“ Ферле ван дер Бринк.
Од септември 2008, кога престана да лета МАТ, ова беше првпат аеродромот „Схипхол“ во Амстердам и македонскиот главен град да бидат поврзани со редовен авиопревоз. Од Скопје до Амстердам и обратно се леташе два пати неделно, во четврток и недела.
Македонија и Холандија остануваат поврзани со линијата Скопје – Ајднховен, кој е на околу 120 километри од Амстердам со „Визер“ кој зимава ќе лета четири пати неделно.
Во летната сезона Амстердам беше поврзан со Охрид превезувајќи туристи на туроператорот „ТУИ“.
„Трансавиа“ е втората по големина нискобуџетна авиокомпанија што оперира во Холандија и е подружница на групацијата „Ер Франс-КЛМ“.
А. АНТЕВСКА