Доналд Трамп го притискал Володимир Зеленски на нивната последна средба во Белата куќа да ѝ отстапи територија на Русија, од што украинската делегација била многу разочарана, изјавија за „Ројтерс“ два извора запознати со разговорите.
Трамп исто така одбил да ѝ даде проектили „томахавк“ на Украина и размислувал за давање безбедносни гаранции и на Киев и на Москва, што ги збунило Украинците. Зеленски му рекол на Трамп дека Украина нема доброволно да отстапи никаква територија.
„Беше доста лошо. Пораката беше ‘вашата земја ќе се замрзне и ќе биде уништена ако Украина не склучи договор со Русија‘“, изјави еден извор.
По завршувањето на средбата, Трамп повика на прекин на огнот на сегашната линија на фронтот, што го повтори и украинскиот претседател во своите изјави.
„Состанокот заврши со одлуката на Трамп да се постигне договор таму каде што се двете страни, на линијата на разграничување“, рече еден извор.
На прашањето дали му рекол на Зеленски дека Украина мора да ѝ го отстапи целиот регион Донбас на Русија, Трамп одговори негативно.
„Нека биде исечен како што е сега. Мислам дека 78% од регионот се веќе окупирани од Русија. Оставете го како што е сега. Тие можат да преговараат подоцна“, рече Трамп.
Состанокот во петокот беше разочарување за Зеленски, кој се надеваше дека ќе го убеди Трамп да ја снабди Украина со ракети „томахавк“, кои имаат дострел од 2.500 километри. Трамп не одлучил дали ќе испрати проектили „томахавк“, изјави американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс вчера.