ЗАМРЗНАТ ИМОТ ВО СРБИЈА И МАКЕДОНИЈА ВО СОПСТВЕНОСТ НА БИЗНИСМЕНОТ БОРЧЕ МАРКОВСКИ, ОСОМНИЧЕН ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ СО ТЕНДЕРИ ВО РЕК „БИТОЛА“

    ЗАМРЗНАТ ИМОТ ВО СРБИЈА И МАКЕДОНИЈА ВО СОПСТВЕНОСТ НА БИЗНИСМЕНОТ БОРЧЕ МАРКОВСКИ, ОСОМНИЧЕН ЗА ЗЛОУПОТРЕБИ СО ТЕНДЕРИ ВО РЕК „БИТОЛА“Српското обвинителство издаде наредби за замрзнување на имот на фирма со седиште во Белград која има сопственичка поврзаност со битолскиот бизнисмен Борче Марковски, кој е осомничен и е во притвор за злоупотреби во РЕК „Битола“ со јавни тендери. (Фото: СДК.МК)

    Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола, преку Канцеларијата за поврат на имот во државното Јавно обвинителство, упати итно барање до надлежните органи на Србија за замрзнување имот – 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 за правно лице со седиште во Белград за кое е утврдено дека има сопственичка поврзаност со битолскиот бизнисмен Борче Марковски, кој е осомничен и е во притвор за злоупотреби во РЕК „Битола“ со јавни тендери, поврзано со истрагата од 9 октомври годинава.

    Од ОЈО соопштија дека од српските органи е побарано да забранат на правното лице од Белград, на неговиот управител или на друго лице во нивно име да ги отуѓува, оптоварува или да располага со моторните возила за кои постои сомнение дека се набавени и претставуваат посредна имотна корист од кривичните дела за кои е отворена истрага. Дополнително, од српските власти е побарано да се обезбеди и да се отвори сеф за кој е утврдено дека осомничениот го поседува во една српска банка со цел да се провери неговата содржина.

    Поднесените барања се прифатени и Српското обвинителство издаде наредби за замрзнување на наведениот имот.

    Освен ова, од сметките на осомничениот Марковски и неговата фирма во државава, која исто така е опфатена со истрагата, по барање на обвинителството се замрзнати околу 30 милиони денари, а обвинителството побара да се забрани и располагање на дополнителен движен и недвижен имот во државава – три стана во Скопје, парцела градежно неизградено земјиште и гаража стекнати во 2024 година, како и три товарни и едно патничко возило набавени во 2025 година, за кои постои сомнение дека претставуваат принос од казниво дело, односно имот кој во иднина може да е предмет на конфискација поради сторените кривични дела кои се опфатени со истрагата.

    На 9 октомври, ОЈО Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осум физички лици и едно правно лице „Марковски компани“ за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки за дислопкација на погонски станици во РЕК „Битола“.

    Правното лице „Марковски компани“, сопственикот Борче Марковски и уште едно лице вработено во компанијата се осомничени дека иако биле свесни дека работите по добиените тендери не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК „Битола“ незаконито наплатиле 106.200.000 денари (над 1,7 милиони евра) со вклучен ДДВ, со што сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство.

    Петмина од осомничени, службени лица во РЕК „Битола“, односно поранешниот директор на комбинатот Пеце Матевски и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК, се сочмичат дека во текот на 2023 како соизвршители сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување .

    Сите тие овозможиле на приватната фирма, да се јави како единствен понудувач и да склучи договор за јавната набавка, односно да се стекне со противправна имотна корист од големи размери.

    Тројца од овие раководители и директори во ПЕ Рудници и уште едно службено лице во РЕК „Битола“ се осомничени и за продолжено кривично дело Измама во службата, бидејќи при реализацијата на договорот, иако знаеле и биле свесни дека правното лице воопшто не ги извршило договорните обврски, потпишувале записници и извештаи за извршена работа.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира